Јавното обвинителство информира дека по спогодбите со седуммина припадници на групата за шверц на дрога од Гази Баба, осомничени во предметот „Планина“, склучени се предлог-спогодби со уште седум лица од групата во Грчец.

Потсетување, станува збор за акцијата во која беа уапсено 21 лице, за кои потоа обвинителката Вилма Рускоска кажа дека биле продавачите на дрогата, а не и главните наркобосови.

Наркобосовите избегаа, а за акцијата, обвинителката кажа дека била пробиена. Тие успеале со себе да ја понесат и дрогата, а во моментот на спроведување на акцијата, локациите каде се чувала биле исчистени.

Новите седуммина од уапсените кои прифатиле да се спогодат беа запознаени со доказите со кои обвинителството располага и го признале извршувањето на кривичното дело за кое се товарат.

Врз основа на тоа се прогласени за виновни за сторено кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, информираат од Обвинителството.

„Со пресуда на обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато во притвор и тоа:
– на осомничениот С.С.(34) осудуван за други кривични дела, во траење од пет години;
– на осомничените Б.Љ.(39) и Ф.Љ. (33) осудувани за други кривични дела, во траење од по три години и шест месеци и
– на осомничените И.А. (19), С.Е. (21), Е.И. (24) и Ќ.Љ. (29) досега неосудувани, во траење од по три години“, се наведува во соопштението.

Во периодот од месец март 2020 година до месец март 2021 година, наркогрупата неовластено купувала наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана и истата ја криеле на безбедни локации во селото Грчец.

Заради неовластена продажба организирале мрежа на препродавачи и посредници во која биле опфатени и останатите осудени и осомничени лица.

Тие имале задача да воспоставуваат контакти со заинтересирани купувачи од Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица и други градови.

Откако ќе ја договореле цената, количината и видот на наркотичната дрога, продавачите ги известувале босовите И.М. и Б.Љ. кои се недостапни на органите на прогонот, а кои им ја давале измерена и спакувана нарачката.
Препродавачите добивале процент од постигнатата цена која се движела од 4-5000 денари по грам за кокаин и од 12-15.000 денари за 100 грама марихуана.

Како предмети што се употребени за извршување и што потекнуваат од кривичното дело, се одземени: едно возило „ауди 3“, 17 мобилни телефони, 32 држачи за СИМ картички, 13 СИМ картички, едно пакување бела непозната материја, 6 мали полиетиленски пакувања со кокаин, 5 капсули бела боја и еден куршум.

Обвинетите што се спогодиле со обвинителството се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек.​