Фото: Дарко Андоновски

Од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) информираат дека сѐ уште немаат добиено писмен допис од страна на Јавното обвинителство врз основа на кое би можеле да објаснат дали и како ќе се постапува со предметите на СЈО.

– Сакаме уште еднаш да ја изразиме нашата загриженост поради фактот што до овој момент ниту е избран јавен обвинител кој ќе ја замени Јанева, ниту пак е донесено ново законско решение со кое што ќе се регулира статусот на ова Јавно обвинителство – се наведува во соопштението на СЈО во кое се додава дека мандатот на ова обвинителство е до 15. септември 2020 година, до кога ќе продолжат работниот однос на вработените и тековните обврски.

Од таму сметаат дека на вработените во институцијата им се закануваат проблеми во однос на работниот однос, а постои и опасност во однос на материјалите со кои располага обвинителство.

– Отсуството на регулатива за тоа што ќе се случува со вработените, тековните обврски, архивата и материјалите со кои располага Обвинителството, во ситуација кога нема раководно лице на институцијата, ќе доведе до реални проблеми во остварувањето на правата од работен однос на вработените лица и намирување на обврските на институцијата, а воедно ќе отсуствува и контрола на спроведувањето на безбедносните процедури поврзани со сите материјали со кои располага Обвинителството – се посочува во соопштението.