На денешното рочиште за предметот „Таргет-Тврдина се изведуваат материјални докази предложени од Обвинителството, а со сослушување на сведоци ќе се продолжи на рочиштето закажано за 13 ноември. Претходното рочиште на 16 октомври беше одложено поради позитовен тест на ковид-19 на обвинетиот Сашо Мијалков.

Денешното рочиште почна со задоцнување од половона час, поради доцнење со спроведувањето на поранешната министерка за внатрешни работи, обвинетата Гордана Јанкулоска.

Во предметот „Таргет-Тврдина“, покрај Мијалков и Јанкулоска, обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.