Претседателот на Бугарија, Румен Радев, му изрази сочувство на македонскиот претседател Стево Пендаровски, за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Струма, во која загинаа 46 луѓе.

Во име на бугарскиот народ и во свое име, претседателот Румен Радев изрази искрено сочувство до семејствата и роднините на загинатите граѓани на Република Северна Македонија, како и надеж за брзо закрепнување на жртвите од катастрофата.

– Во ова тешко време, Бугарија и Република Северна Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија. Десетиците изгубени животи се непростлива загуба за нашите братски земји – се наведува во сочуството на бугарскиот претседател Радев.

Шефот на бугарската држава ги повикува одговорните институции да ги утврдат причините кои довеле до тешката сообраќајна несреќа, како и да им дадат навремена поддршка на преживеаните во несреќата.