Одбраната на Орце Камчев поднесе кривични пријави против судиите кои му го продолжија притворот за уште 30 дена за предметот „Плацови на Водно“, а бара и изземање на обвинителката Лиле Стефанова.

– Пред Републичкиот Совет поднесовме претставка за несовесно и нестручно работење на судија на претходна постапка како и на судиите од Кривичен Совет кои одлучуваа и изрекоа мерка притвор и по втор пат, повторно без презентирање на докази. Денеска ја информираме јавноста дека за нивното работење поднесуваме и кривични пријави. Воедно поднесовме барање до ЈО за изземање на обвинителката Лиле Стефанова која првенствено нема ниту стварна ниту месна надлежност за случајот и е компромитирана како обвинител кој беше дел од СЈО кога се потврди случајот „Рекет“. За неа се поднесени кривични пријави од страна на Јордан Камчев во врска со нејзино незаконско постапување во предметот „Империја“, а невозможно е да остане незабележан личниот анимозитет и непрофесионален однос кон г-дин Јордан Камчев, кој во нејзините јавни излагања досега, се нема ни обидено да го прикрие – се вели во писменото соопштение на адвокатот на Камчев, Тони Менкиноски.

Дополнително на тоа, вели тој, уште еден доказ за пристрасно, незаконско, скандалозно и тендециозно судење е и тоа што во предлогот на обвинителката за продолжување на притворот навела десетици фирми во странство и оф-шор компании тврдејќи дека се во сопственост на Камчев што, како што велат адвокатите, е ноторна лага и за истото до судот се доставени докази.

Одбраната на Камчев вели дека е лага и тврдењето на Стефанова дека Камчев поседува стан во Бугарија.

– Сведоци сме дека лица осомничени за злоупотреба на стотици илјади евра државни пари им е изречена мерка домашен притвор, а на човек кој вработува над 3.000 лица и во буџетот на РСМ годишно исплаќа 18.500.000 милиони евра даноци, по основ на непрезентиран доказ, белешка од тајна служба, изготвена, по наши информации врз основа на усмен исказ на доушник, му се изрекуваат дополнителни 30 дена ефективен притвор – вели Менкиноски.

Тој апелира до институциите да престане, како што велат, злоупотребата на тајните служби за местенки на граѓаните на оваа земја.