Судија определи куќен притвор и одземање на пасошот за 16-годишникот кој управувајќи возило без возачка дозвола прегази хирург, кој се здоби со тешка повреда на главата.

– Иако немал возачка дозвола, тој управувал автомобил БМВ Х6 по булеварот „Мајка Тереза“ во Скопје и кога дошол на раскрсницата со улицата „Елисие Поповски Марко“ не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин не го управувал автомобилот со брзина која би му овозможила да запре и да ги пропушти пешаците. Така, тој со возилото удрил во пешак кој во тој момент поминувал по пешачкиот премин – информираат од Обвинителството.

Од ударот, хирургот се здобил со тешки телесни повреди поради кои се наоѓа во животно-загрозувачка состојба. Малолетникот веднаш по несреќата го напуштил местото на настанот без да му укаже помош.