Оштетениот Љубе Бошкоски, сите досегашни сведоци и оштетените ќе мора повторно да сведочат пред судот за случајот „Тортура” бидејќи предметот почна од почеток поради смена на поротник и истек на 90 дена.

Обвинителот Љубомир Лапе побара наместо да се сослушуваат повторно сведоците, да се гледаат видеоснимките од нивните сведочења, но адвокатите на обвинетите Сашо Мијалков и „алфите” беа против.

Сашо Мијалков и шесте „алфи” се изјаснија дека не се виновни.

-Апсолутно не се чувствувам виновен – рече Мијалков.

Следното рочиште е закажано за 5 ноември кога треба да се читаат материјалните докази.

Во „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи”, Ивица Анчевски Пуки и уште петмина припадници на единицата.

Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.