Македонија, затоа што нема голем пазар и нема економска моќ, претставува само транзитна земја на трговски маршрути по кои патува дрогата. Но, од друга страна, македонски граѓани се вклучени при дистрибуцијата и транспортот на дрогата во земјите од Западна Европа

Во светскиот извештај од 2018 година на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) се наведува дека околу 450.000 луѓе починале во 2015 година како резултат на употребата на дрога. Од овие смртни случаи, 167.750 биле директен резултат на нарушувања предизвикани од употребата на различни наркотични средства. Според други истражувања на УНОДЦ, во 2016 година глобалното производство на опиум се зголемило за една третина во споредба со претходната година. Различните истражувања, пак, и анализи покажуваат дека количеството запленет хероин на глобално ниво драстично се зголемени од 2015 година. Во извештаите се наведува дека паралелно со големиот број заплени, се зголемува и употребата на хероин и смртните случаи поврзани со хероинот. Овие податоци укажуваат дека дрогата претставува голема закана за здравјето и благосостојбата, сигурноста, безбедноста, како и за одржливиот развој на луѓето. Од таа причина се потребни итен одговор и справување со пазарот на дрога и нејзино намалувањето во светски рамки.

Од главните маршрути по кои транзитира дрогата, балканската маршрута станува помалку примамлива. Со зголемување на потребите на пазарот на дрога, се зголемува количеството што се транспортира. Македонија, затоа што нема голем пазар и нема економска моќ, претставува само транзитна земја на овие трговски маршрути по кои патува дрогата. Но, од друга страна, македонски граѓани се вклучени при дистрибуцијата и транспортот на дрогата во земјите од Западна Европа.
Афионот, кој е клучен за производството на хероинот, се одгледува незаконски во три главни светски региони, Југозападна Азија, Југоисточна Азија и Латинска Америка.
Авганистан и Пакистан ги снабдуваат Југозападна Азија, Средниот Исток и Европа. Мјанмар и Лаос ги снабдуваат Југоисточна Азија и Океанија, а Мексико, Колумбија и Гватемала ја снабдуваат Америка.

По наглото намалување на производството во Југоисточна Азија во последниве години, од околу 85 проценти, глобалното нелегално производство на опиум главно доаѓа од Авганистан, а овие податоци се потврдуваат во истражувањата на Европскиот центар за следење дрога и зависност од дрога.
Податоците од извештајот на Европскиот центар за мониторинг на дрога и зависности од дроги од 2015-та укажуваат дека производството на хероин се зголемува и целта за произведените количества е да се пренесат и дистрибуираат во Европа. Маршрутата што го поврзува Авганистан со Иран, а потоа преку Турција, претставува најкратко растојание до европските потрошувачки пазари. Поголемиот дел конфискации по оваа стара маршрута се прават во Иран и во Турција. Иран е најголемиот конфискатор на опиоидите во светот веќе неколку години. Од Турција, маршрутата потоа се разгрнува во јужниот дел преку Грција, Македонија, Албанија, Италија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина и северниот разгранок преку Бугарија, Романија, Унгарија, Австрија, Германија и Холандија, се наведува во наодите на Европол. Хероинот влегува и транзитира кон Европа низ балканската, северната и јужната маршрута. Балканската маршрута ја губи својата актуелност поради актуализирањето на јужната маршрута и пристапувањето на неколку земји во Европската Унија од Југоисточна Европа, па затоа криминалните организации прават напори за наоѓање нови начини за транзит преку северната маршрута.

Дрогата што се транспортира и поминува низ Македонија, во исто време се произведува и се користи. Тоа може да се забележи по количествата на запленетата дрога, а најчесто тоа се канабисот и хероинот. На пазарот на хероин во Европа се забележуваат осцилации со пристапувањето на неколку земји во Европската Унија. Транзитирањето, наместо преку балканската маршрута, се пренасочува кон северната маршрута. Затоа поголемиот дел од хероинот што доаѓа во Македонија е од Турција, а влегува преку Грција и Бугарија. Дрогата подоцна се транспортира до крајните дестинации во земјите од Западна Европа, а мал дел останува на локалниот пазар во Македонија, се наведува во „Процената за закана од сериозен и организиран криминал“ направена од нашето Министерството за внатрешни работи во 2015 година.
Организираните криминални групи континуирано ја заобиколуваат Македонија затоа што нема доволно голем пазар за дрогата. Од таа причина, Македонија претставува транзитна земја на дрогата. Но, исто така, нејзини жители имаат удел во организирање на транспортот на дрогата во другите земји. Најчесто македонски граѓани се регрутирани како транспортери или улични дилери во земјите на Западна Европа, се наведува во „Процената за закана од сериозен и организиран криминал“.

Превезувањето на хероинот се овозможува преку патнички, тешки возила или редовни автобуски линии, организирани од страна на криминалните групи. За време на транспортот се користат различни начини на прикривање хероин во внатрешноста на возилото: скриени помеѓу разни легални трговски стоки или со лепење на телата на превозниците, укажуваат истражувањата на Европол. Според „Процената за закана од сериозен и организиран криминал“, се очекува поголемо регрутирање на македонските граѓани како превозници или улични дилери во западноевропските земји. Македонски граѓани што поседуваат патни документи од земјите-членки на ЕУ се регрутираат за превоз на хероин. За прикривање на криминалните активности, дури и правните деловни активности на меѓународни субјекти често се злоупотребуваат, со или без знаење за сопственичката структура. Исто така, според „Процената за закана од сериозен и организиран криминал“ се наведува дека побарувачката за хероин е можно да се намали во корист на синтетичките дроги. За таа цел превозниците прават специјални празнини (бункери) во возилата дизајнирани за ваков тип транспорт.


Заплена на хероин во Македонија

Според билтенот на МВР, полициски службеници на Секторот за внатрешни работи во Тетово, на 19.2.2019 извршиле претрес во домот и помошните простории на 32-годишниот тетовец и откриле хероин. Секторот за внатрешни работи Скопје – единица за недозволена трговија и Одделение за недозволена трговија со дрога, поднесе кривична пријава против двајца скопјани поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво по членот 215 од Кривичниот законик. На 18-ти овој месец, со наредба од судија на претходна постапка, бил извршен претрес на дом кај едно од лицата, при што биле пронајдени и одземени околу 900 грама марихуана, хашиш-масло, амфетамин, таблети и вага на која имало остатоци од хероин, кокаин и друга дрога.


Кокаинот во земјава неисплатлив

Според извештајот од 2014-та на Обединети нации секторот за дрога и криминал, наспроти балканската маршрута за шверц на хероин, Југоисточна Европа претставува само секундарен пат за шверц на кокаин кон западноевропските земји. Трговијата со кокаин не претставува сериозна опасност за Република Македонија, поради високата цена на пазарот на дроги има мала побарувачка.
Затоа патиштата за влез на кокаинот во Македонија не се за дистрибуција туку за продолжување кон земјите како Белгија и Холандија и земјите од Јужна Америка. Коканиот претежно се пренесува преку транзитни точки на пристаништата. Тој пристигнува по морски пат до пристаништата скриени во легални производи што редовно се транспортираат.