Фото: Пиксабеј

Голем број студии покажуваат дека исхраната е најзначаен ризик-фактор за настанување на атеросклероза и коронарна срцева болест, бидејки прекумерното внесување на масти и сол, а намалениот внес на риба, овошје и зеленчук се поврзани со сите кардиоваскуларни ризици

Автор: Д-р Оливер Недев

Кардиоваскуларните заболувања се едни од најчестите заболувања денес ширум целиот свет, како резултат на хипертензија, вродена срцева слабост, ревматски срцеви заболувања и срцеви аритмии.
Атеросклерозата претставува основен патофизиолошли процес на sидовите на крвните садови, која предизвикува коронарна срцева болест. Кај оваа болест холестеролот го зафаќа луменот на крвните садови, односно артериите , со што се стеснува луменот и се намалува еластичноста на крвните садови, а со тоа се намалува и циркулацијата. На овој начин доаѓа до згрутчување на крвта во артериите при што може да настане миокарден инфаркт.

Ризик-фактори што предизвикуваат атеросклероза се пушењето, недоволна физичка активност, недоволен внес на минерали и витамини, недоволен сон, зголемен внес на сол, прекумерно консумирање на алкохол, покачен крвен притисок, хиперлипидемија итн…

Голем број студии покажуваат дека исхраната е најзначаен ризик-фактор за настанување на атеросклероза и коронарна срцева болест, бидејки прекумерното внесување на масти и сол, а намалениот внес на риба, овошје и зеленчук се поврзани со сите кардиоваскуларни ризици.

Начинот на исхрана игра огромна улога во здравјето на пациентот и начинот на живеење.

Водата е исклучително значајна за добро здравје и постигнување на баланс во животот, како кај децата така и кај возрасните. Според препораките внесот на вода во текот на денот е пет или повеќе чаши вода, во спротивно нискиот внес на вода во организмот е поврзан со ризик од кардиоваскуларните заболувања.

Месото е значаен извор на протеини, железо, цинк, фосфор, Б витамини. Меѓутоа месото исто така е извор и на заситени масни киселини, кои не треба да се внесат повеќе од 30% од дневните потреби бидејќи доведуваат до зголемување на телесната тежина, а со тоа се зголемува и нивото на холестерол во крвта што претставува ризик-фактор од појава на кардиоваскуларни заболувања. Најголем извор на висококвалитетни протеини има во црвеното месо и на тој начин го заштитува организмот од губење на мускулната маса.

Рибата во својот состав содржи најмногу вода (околу 70%) , 20% протеини, 20% масти како триглицериди и фосфолипиди, витамините А и Д што се наоѓаат во црниот дров и во рибиното масло. Честата исхрана со риба го намалува ризикот од кардиовасклурни заболувања бидејќи кај овие пациенти крвниот притисок е понизок. Сите препораки укажуваат на внесување риба преку исхраната барем еднаш неделно.

Јаткастите плодови се богати со незаситени масни киселини, растителни влакна, калиум и магнезиум и нивната честа примена го подобрува кардиоваскуланото здравје преку намалување на оксидативниот стрес.

Овошјето со својата хранлива витаминска вредност го подобрува варењето на храната, односно ја зголемува ресорпцијата. Бидејќи е главен извор на витамини и минерали значително го намалува ризикот од појава на кардиоваскуларни заболувања при секојдневна употреба.

Зеленчукот содржи најмногу вода (80%) , протеини , масти, витамини и минерали што имаат антиинфламаторно, антиоксидативно, антитромбоцитно дејство, го намалуваат крвниот притисок, го регулираат нивото на глукоза во крвта и го намалуваат оштетувањето на миокардот.

Слатките и десертите со шеќер при секојдневна употреба го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања, како и редовното кознумирање на засладените пијалоци.

Кафето е едно од најзастапените пијалоци во светот. Умерениот внес на кафе нема негативни ефекти врз кардиоваскуланото здравје. Сепак, пациентите со висок крвен притисок треба да избегнуваат поголеми количини внес на кафе, поради регулирање на хипертензијата.

Солта како секојдневна состоја што ја внесуваме преку исхраната, според сите препораки потребно е да биде внесена во количини од 4- 6 грама дневно. Намалениот внес на сол значително придонесува до намалување на крвниот притисок, а повеќето студии укажуваат дека се намалува и процентот на срцевите инфаркти. Најдобро е солта да се внесува истовремено со храна богата со минерали и витамини, како што е зеленчукот, и на тој начин се намалува ризикот од кардиоваскуларните заболувања, како и нивото на покачен холестерол во крвта.

Според сите овие податоци можеме да заклучиме дека:
– Пациентите што јадат често пржена и солена храна имаат висок ризик од кардиоваскуларни заболувања
– Пациентите што немаат доволна физичка активност или работното место им е со постојано седење, исто така, имаат предиспозиција за поголема телесна тежина, а со тоа и ризик од коронарна болест
– Помал ризик имаат лицата што спијат од 6-8 часа, пијат доволно количество вода и јадат разновидна храна
– Поголем ризик имаат лицата што спијат повеќе од 8 часа , секојдневно консумираат свинско месо, бел леб и слатки.

Кој и да е татко на болеста, неправилната исхрана е мајката!