Фото: МИА

Државниот советник за европски политики во Секретаријатот за европски прашања, Драган Тилев за МИА го појаснува претстојниот процес на билатерален скрининг со ЕУ за усогласеноста на европското законодавство со македонското, што треба да започне во септември. Тој вели дека од формално-правен аспект, нема дилема, оти за нас преговорите веќе се започнати со отворањето меѓувладината конференција, што ќе остане отворено за целото времетраење на преговорите, кои треба да резултираат со потпишување и ратификација на Пристапниот договор и полноправно членство на земјата во ЕУ.

Тилев исто така вели дека геополитичката констелација на состојбите, налага да се размислува рационално и да се одлучува брзо, но и исправно, во интерес на државните и националните приоритети и оти подобра алтернатива за нас од членство во ЕУ нема и нема да има во догледно време.

Според него, секоја слабост која би ја покажале во нашата евроатлантска ориентација ни оди на штета и може да има долгорочни негативни последици.

– Сосема е јасно, од заклучоците на Советот и од изјавите на политичките челници на ЕУ, дека преговорите нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени. Тоа е голем товар за нашето општество и голем политички предизвик, кој не смее да тлее долго – оценува државниот советник Тилев за МИА.

Појаснува дека скрининг процесот или преглед на законодавството е составен дел од процесот на пристапни преговори и оти се одвива во две фази – објаснувачки и билатерален дел.

Тој потсетува дека Одлуката за почеток на преговорите беше донесена уште во март 2020 година со едногласност, а по потпишувањето на билатералниот протокол на 17 јули 2022 година и добиената согласност од Бугарија е усвоена и преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ, во писмена процедура на вонредна седница на 18 јули 2022 година. Ден потоа, односно на 19 јули се отвори и Меѓувладината конференција на политички состанок помеѓу ЕУ и Македонија, а веднаш официјално започна и скрининг процесот со првите општи напомени за неговиот тек и нацрт-календар.

– Првата фаза, објаснувачкиот скрининг е преглед на европското законодавство кога експертите од Европската комисија го презентираат и детално објаснуваат европското законодавство пред нашите експерти. Тоа се правните акти кои се предмет на пристапните преговори или поточно, кои ќе мора да ги транспонираме во домашниот правен систем и целосно да ги имплементираме. Втората фаза е билатералниот дел, кога нашите експерти го презентираат статусот на транспозицијата на тоа исто европско законодавство во националниот правен систем, односно што досега сме транспонирале, како тече имплементацијата, што и кога од европското закондавство ќе транспонираме во наредниот период, со јасен план и за тоа кога ќе бидеме целосно хармонизирани со европското законодавство, во сите области – вели Тилев.

Тој нагласи дека првата фаза, односно објаснувачкиот скрининг, заедно со Албанија, веќе го спроведовме еднаш во периодот 2018-2019 година, за вкупно 33 поглавја, но поради блокадите на кои наидовме во меѓувреме истиот беше ставен на пауза.

– Со одблокирањето на процесот и отворањето на Меѓувладината конференција и рестартирањето на скринингот, всушност ќе се престроиме сега според новата методологија за пристапни преговори. Скринингот ќе продолжи по кластерска структура, во шест кластери во кои се групирани 33 поглавја и тоа со освежување на делот на објаснувачкиот скрининг, заедно за нас и Албанија, со новото законодавство усвоено од декември 2019 до денеска, односно до 2022/2023 година, а потоа паралелно и со билатералните скрининзи за сите кластери, области и поглавја, но во овој дел одвоено, посебно за нас и посебно за Албанија – појанува тој.

Тилев вели дека скринингот, „освежувањето“ и билатералниот скрининг, според нацрт-календарот ќе трае до ноември 2023 година, со можност за прилагодување според дадените услови.