Духовите на минатото прогонуваат: да го раскинеме „пактот на заборавање“

Со ставањето параф на Протоколот со Бугарија, македонската влада се обврза во рок од една година „да ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на бившите служби за државна безбедност од комунистичкиот период, вклучувајќи ги и полицијата, цивилното и военото разузнавање и контраразузнавање во периодот од 1945 до 1991 година“. За жал, Бугарија требаше да нѐ потсети на неуспехот соодветно да се справиме со историските неправди на комунистичкото минато за да го искорениме злото што триесет години го труе македонското општество. Со години се манипулира со ова прашање во контекст на процесите на декомунизација на општеството и лустрацијата, поттикнувајќи ги и одржувајќи ги живи политичкиот неморал и мимикрија, ставајќи ги во заложништво политиката и општеството. Досега знаевме кој го поседува минатото во Македонија. Секако, бившите комунисти и нивните наследници. Сиве изминати години без наша вина нѐ доведоа во ситуација сите заедно да го носиме бремето на нивните минати гревови на наши плеќи. Изгледа конечно дојде времето да се соочат со духовите на минатото што ги прогонуваат и злото што го изгнездија во Македонија.

Доста е од лажни вредности и отсуство на меморија. Доста е од т.н „пакт на заборавање“ што ни ги наметнаа низ политиката и медиумите како средство за игнорирање на минатото. Доста е со опструкции на борбата на жртвите на комунизмот да се спречи заборавот на историската меморија. Да се надеваме дека годините на тишината се зад нас. Да оставиме конечно тишината да зборува. Оваа континуирана тишина, голема акумулација на тишина, стана монолитна низ годините на транзиција. Тишината беше родена низ страв и репресија и, секако, низ конформизам. Можеби комунизмот како систем исчезна, но не исчезна нашиот дволичен, симулативен, дури и шизофреничен однос кон непорочното минато. Меморијата се заснова на идентификација со минатото. Ако мислеа новокомунистите дека ќе успеат да побегнат од своето репресивно минато, се излажаа. Нивната идентификација со тоа минато е запишана во досиејата на тајната полиција низ годините на, како што милуваа да го нарекуваат, „социјализмот со човечки лик“. Чудно. Комунистите се согласија под притисок на Бугарија да ги отворат тајните досиеја и да го изложат пред јавноста својот историски труп во распаѓање. А само колку хистерично се обидуваа сиве години на транзицијата да го закопаат минатото во нивната меморија и меморијата на жртвите на комунизмот. Мемориската војна во Македонија има најмалку три димензии: когнитивна, емоционална и егзистенцијална. Когнитивното им припаѓа на историчарите што имаат алатки со разумна сигурност да утврдат што всушност се случило во минатото. Оваа војна беше изгубена пред и да започне, зашто историчарите влегоа во „пактот на заборавање“ со политиката. Затоа историјата упорно се обидува да покаже минато различно од сликата за неа зачувана во меморијата на жртвите на комунизмот, оставајќи го отворен конфликтот помеѓу историјата и меморијата во Македонија. Емоционалните и егзистенцијалните димензии на мемориската војна се надвор од опсегот на историчарите и им припаѓаат на писателите и на уметниците, кои многу лесно беа корумпирани од политиката. Нивниот конформистички молк наметнат од доцниот социјализам во текот на 1980-тите, а потоа и политички профитабилното непрепознавање на блиското минато на кое бевме сведоци во текот на 1990-тите (стратегија на одложување), ги покажа целата беда и хипокризија на емоционалната и егзистенцијалната димензија на мемориската војна во Македонија. Очигледно дека комунизмот ги корумпира душите на нејзините слуги и приврзаници, сакате од историчари до уметници и писатели, затскривајќи го репресивното минато и складирајќи ја меморијата во депоата на тајната полиција. Досега.

Сега, па, чуден ми е и неприроден молкот во општеството на барањето од Бугарија да ги отвориме полициските досиеја на тајната полиција од 1945 до 1991 година. Особено тешко ми е да го прифатам молкот на оние што го сатанизираа секој обид да се отвори процесот на декомунизација во македонското општество. Загноените и атрофирани ментални слуги на комунизмот сега молчат. Зошто? Зарем сега нема да се наруши безбедносниот систем на државата, каде е тука реципроцитетот, зарем странска држава ќе суди за нашата репресивна историја, зарем сега нема да се посее зла крв во македонското општество, зарем овој процес не е спротивен на концептот на човековите права, зарем сега нема да биде политички инструментализиран и злоупотребен? Многу прашања, малку одговори. Затоа сега ќе зборуваат луѓето од досиејата. Оние човечки судбини заробени во досиејата во правливите депоа на тајната полиција. Конечно ќе ги видиме сведоштвата за трауматски искуства на комунизмот како форма на симболична правда. Конечно преку слушањето на преживеаните и осознавањето на скриената вистина ќе го добиеме општественото признавање на злото на комунизмот. Или, можеби нема. Кај нас сѐ е можно. Се прашувам како сега наследниците на комунизмот во Македонија ќе интервенираат во војната за сеќавање што ни ја отвори Бугарија. Особено ме мачи како сега, по ова, ќе бидат компензирани кодошите, оние соработници на тајната полиција што се хранеа со несреќата на своите пријатели, роднини и сограѓани. Сега конечно прогледав. Сега може појасно да ја видам големината на лидерот што носел вакви тешки одлуки. Неговиот државнички габарит. Не случајно велат дека големите лидери носат големи одлуки. Зарем има потешка државничка одлука од онаа за компензација на лустрираните? Зарем ќе дозволи неговата „државотворна партија“ Бугарија да застане на патот на една ваква космичка небулоза на која работеше несудениот нобеловец? Навистина, самата идеја за компензацијата на злото на кодошите заслужува Нобелова награда. Само кој да се сети.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски