Фото: Маја Јаневска-Илиева

Седма година по ред Финска е најсреќна земја во светот, а Македонија е на средината на листата, покажува Светскиот извештај за среќа, што денеска беше објавен под покровителство на Обединетите нации.

Македонија генерално е на 84. место, додека според индексот на среќа на младите, е позиционирано на 67.место. Од земјите од регионот, Словенија е на 21. место, Косово е на 29., Србија на 37. место, Хрватска на 63., Грција на 64., БиХ на 65, Црна Гора на 76., Бугарија на 81 место, а Албанија е на 87. место.

Украина на е 105. место, а палестинските територии на 103. место.

Најголем раст на индексот на среќа од 2021 до 2024, во однос на периодот од 2016 до 2010 година, е забележан во Србија, Бугарија и Летонија, а најголем пад има во Авганистан, Либан и Јордан. Авганистан, кој е зафатен од хуманитарна катастрофа откако Талибанците се вратија на власт во 2020 година, е на последното место од 143 земји.

На врвот на глобалното рангирање се и Данска, Исланд и Шведска, а од водечките сили во ЕУ, Германија е на 24 место, а Франција на 27 место.

Германија и САД не се во топ 20 првпат по повеќе од 10 години, откако паднаа на 23-то место, во најсреќните 20 оваа година влегле Костарика и Кувајт.

Светскиот извештај за среќа е Индекс за среќа што ја објавува Мрежата за решенија за одржлив развој при Обединетите нации секоја година од 2012 година. Се заснова на проценката на луѓето за нивната среќа, како и на економските и социјалните податоци.

Извештајот разгледува шест клучни фактори: социјална поддршка, приход, здравје, слобода, благосостојба и корупција.