ЕУФОР БиХ

Патролна единица на ЕУФОР, составена од припадници на армиите на Северна Македонија и Турција, спасила две лица од автомобил што излетал од патот Грачаница – Тузла во Босна и Херцеговина, пренесе МИА.

Според информациите на ЕУФОР БиХ, несреќата се случила вчера околу 14 часот, кога автомобил „фолксваген голф“ изгубил контрола меѓу 24-от и 25-от километар од патниот правец, излетал од коловозот и удрил во дрвја во близина на провалија.

Возилото останало заглавено во дијагонална положба, додека двете лица во него биле делумно потопени во вода и се обидувале да се извлечат, стравувајќи дека автомобилот може дополнително да пролизга или да се преврти.

– Припадниците на патролата на ЕУФОР брзо реагираа на местото на настанот. Во меѓувреме, група цивили се обидуваше да го стабилизира возилото држејќи го за тркалата, со цел да се спречи понатамошно движење – се наведува во соопштението.

Поради сомнежи за повреди, особено кај жената кај која постоела можност за скршеници, спасувачката акција била изведена со особена претпазливост. Припадниците на ЕУФОР употребиле скала како импровизирана носилка за безбедно да ја извлечат жената и да избегнат дополнителни повреди.

Од ЕУФОР порачаа дека остануваат посветени на безбедноста на граѓаните и ја поздравија брзата реакција и координацијата меѓу војниците и цивилите за време на спасувачката операција.