Шеесет и три отсто од учениците потврдуваат дека насилството е постојано присутно во училиштата. Дури 70 проценти од учениците се сведоци на насилно однесување во нивните училишта, но, истото не го пријавуваат од бројни причини, меѓу кои не знаењето кому да пријават или како да пријават, а да останат аноними пријавувачи. Најголем број од нив, дури 60 отсто го препознаваат физичкото насилство, што во голема мера е највидливо. Во висок процент е присутно и психичкото, 43 и сајбер насилството – 27 отсто, покажа истражувањето на Аналитика.
Оттаму сметаат дека за да се спречи насилното однесување на учениците, особено е важна континуираната и здрава соработка помеѓу родителите и училиштата.
– Од добиените одговори забележуваме дека 60 отсто од учениците посочуваат на ниска соработка и вклученост помеѓу родителите, наставниците и стручните служби во училиштата. Родителите се најмногу заинтересирани за успехот на нивните деца, а многу помалку за училишната клима и вонучилишните активности што имаат за цел да ја поттикнат креативноста на учениците, да развијат вештини кај нив и да создадат безбедна и здрава околина – се наведува во денешното соопштение на Аналитика.
Во соопштението се истакнува дека образовниот систем, односно училиштата, се исклучително важни во процесот на препознавање и пријавување на случаите на насилство, каде може рано да се открие насилството врз децата, со цел спречување на истото.
– Важно е да се воспостави отворен и коректен однос помеѓу учениците, наставниците и родителите, бидејќи тоа помага во намалување на насилството во училиштата. Потребно е стручната служба да работи на развој на врсничка едукација за подигање на свеста за постоење и превенција на насилството, на многу повисоко ниво, со што ќе придонесе во негово намалување во училиштата – се додава во соопштението.
Како што нагласуваат оттаму, потребно е да се работи континуирано на превенција на насилство.
– Системот треба да понуди правни механизми за справување со врсничкото насилство. Потребно е да се работи со децата кои се жртви на насилство и да добијат соодветна психолошка поддршка. Додека истовремено, неопходно е да се работи со децата „насилници“, со цел да се превенира вакво однесување во иднина. Затоа апелираме дека од огромна важност е да се организираат врснички работилници во секое училиште во земјава, каде децата ќе се стекнат со алатки и вештини за препознавање и превеција на насилството – пишува во соопштението.
Клучно е, како што потенцираат, континуирано да се вложува во личниот и професионалниот развој на наставниот кадар и стручните служби во училиштата, со цел истите да стекнат и развијат поголеми вештини и компетенции, што би придонеле во креирањето на подобра училишна клима.
Аналитика апелира и укажува на итноста од превенција и справување со врсничкото насилство како негативна општествена појава.