Со необични мерки ќе се привлекуваат обични, идни жители

Сеќавањата од деновите кога Врбовско вриеше од живот веќе се во магла. Паѓаат во заборав. Зошто? Затоа што Врбовско на секои десет години губи илјада жители. Меѓутоа, новата мерка на локалната власт таму е „капката што го исполнува бунарот на надеж“ дека ќе биде како порано. Како? Одговорот е едноставен, градот ќе им даде земјиште на користење на тие што ќе дојдат да живеат во Врбовско. Условот е да изградат куќа за три години, а ако го исполнат, земјиштето ќе им биде префрлено. Дали ќе биде доволно примамлива оваа отворена понуда за граѓаните?

Хрватска

Сеќавањата од деновите кога Врбовско вриеше од живот веќе се во магла. Паѓаат во заборав. Градот што се наоѓа недалеку од границата со Словенија порано беше полн со живот, но состојбите сега се сменија и денес таму владее сосема поинаква слика. Статистиката вели дека на секои десет години губи по илјада жители. Токму тоа ги натера градските власти да изгласаат редица мерки, мотивации, стимулации и примамливи понуди за луѓето да се вратат. Тоа се однесува и за иселените жители, но и за да дојдат нови што би биле заинтересирани тука да свијат семејно гнездо.
Градот Врбовско веќе со години дава различни стимулации и примамливи понуди за враќање на жителите што заминале, а сега промовира и нова мерка, за која оттаму велат дека е капката што го исполнува „бунарот на надеж“ дека ќе биде како порано.

За што станува збор?

Најново е што градските власти на Врбовско сега планираат да му дадат бесплатно земјиште на користење на секој што ќе реши да се пресели на ова место во Приморско-горската жупанија. Градот во почетокот би го давал земјиштето само на користење, а оние што ќе изградат куќа на него во рок од три години, на крајот ќе го добијат во лична сопственост.
Раководителката на административното одделение на градот Врбовско, Марина Тонковиќ, вели дека куќите ќе можат да се користат за домување, но дека ќе бидат дозволени и за туристички цели, што значи тие ќе можат да се опремуваат и да се користат за најразлични намени. Исто така, нема старосна граница за апликантите што ќе конкурираат за добивање земјиште.
– Се решивме за таков чекор затоа што веруваме дека луѓето можат да почнат да градат куќа дури и во своите педесетти и шеесетти години. Куќите ќе бидат пред сѐ за станбена намена, но ние ќе дозволиме овие куќи да се користат и за туристички цели, што ја прави понудата уште поинтересна. Иако сѐ уште не е целосно дооформена, приказната за бесплатното земјиште се прошири, па заинтересираните веќе контактираат со нас – вели Марина Тонковиќ.
Граѓаните со задоволство ја поздравуваат ваквата вест на локалната самоуправа. Невен Шулиќ од Врбовско со жалење констатира дека ова место „умира“, дека сѐ повеќе млади заминуваат и дека новата мерка би придонела за отворање повеќе работни места.
– Нашето место изумира, сѐ повеќе млади си заминуваат, па овие мерки очекувам да придонесат за тоа нашиот град да отвори повеќе работни места. И нешто што за мене како млад човек би било… понормален живот – вели Невен Шулиќ.
Како што пренесуваат хрватските медиуми, најавената мерка за добивање бесплатно земјиште ќе почне веќе на почетокот на следната година.
Она што влева дополнителен оптимизам дека оваа мерка ќе даде убави резултати е сознанието дека претходната мерка на градските власти покажа дека се можни промени – од буџетот се издвоени 200.000 куни. Две семејства добија по сто, што беше дел од сумата за купување куќи.

Примери дека идејата на локалните власти на Врбовско се реализира во практика

Меѓу оние што идејата на локалните власти на Врбовско ја реализираат во практика е и Власта Мајиќ, која се преселила од Солин со сопругот и десетте деца.
– Прво бевме во помало место, чекавме да ни одобрат кредит, но помина една година и ништо. За среќа, на крајот, кога веќе почнавме да губиме надеж, се појави оваа опција. Купивме куќа и се сместивме во Врбовско и станавме врбовци. Нашето искуство е добро, тие нѐ пречекаа многу топло и мислам дека кој и да се пресели овде ќе биде задоволен – вели Власта Мајиќ.
Градот помогна и во опремувањето на детската соба, каде што атмосферата обично е вообичаено многу жива.
– На училиште имам две многу блиски другарки и со нив одлично се забавуваме – вели Марија Вероника Мајиќ и додава дека во класот има вкупно 18 деца.
Желбата на сите, училниците да бидат уште пополни со деца, може наскоро и да се оствари, бидејќи на почетокот на идната година треба да почне да се применува новата мерка со бесплатно земјиште. И тоа ги радува и домородците.
– Очекувам да биде уште подобро. Гледам дека низ градот можат да се забележат овие неколку семејства што дошле во Врбовско и тоа е многу убаво, тоа е добро. Нема ништо без луѓе, нема никаков просперитет – вели Никола Сенфнер од Врбовско.

Автор: Ангел Митревски, наш дописник од Хрватска