Поставена интернет-архива

Со цел да се зачуваат делата на македонскиот композитор Љубомир Бранѓолица, кој оваа година наполни 90 години, е поставена интернет-платформа на која се сместени негови дела во дигитална форма. Идејата на авторот на овој проект Андреј Блажевски е евидентирање и трајно зачувување на материјалните партитури во дигитален формат, што е направено преку процесот на фотодигитализација, со цел тие да бидат трајно зачувани, а со тоа и да се отстрани ризикот од нивно евентуално губење или самоуништување, што подразбира распаѓање на самиот материјал на кој се напишани, а тоа е хартијата.
– Со изработката на специјалната архива за самиот композитор, како и со поставувањето на неговите дела на онлајн архивата, тие стануваат достапни за музичката, научната и пошироката јавност, а верувам дека тоа ќе придонесе и за подигање и јакнење на музичката култура кај нас. Во првата фаза на проектот, која се одвиваше од 2019 до 2021 година, беа комплетирани и документирани сите дела на самиот композитор што можеа да се пронајдат во неговиот личен архив. Во овој период беа дигитализирани и јавно објавени на онлајн архивот ИССУУ, вкупно 154 дела, кои припаѓаат на неговото „класично“ творештво. Втората фаза траеше во периодот на 2021 – 2022 година и беа дигитализирани 225 дела, насочени кон неговото вокално творештво, композиции од областа на популарните жанрови и композиции за „Биг-бенд оркестарот“. Секој дигитализиран документ подложеше кон понатамошна дигитална обработка. За одредени дела што беа пронајдени во лоша физичка состојба беа употребени дополнителни фотодигитални техники, со цел отчитување на нотографскиот материјал од самиот материјал – (партитура). Севкупниот дигитализиран материјал му е предаден на Сојузот на композитори на Македонија, МАНУ и НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје – вели авторот Андреј Блажевски.

Од проектот произлезе каталог со список на дела на композиторот Љубомир Бранѓолица, групирани во категории, во зависност од инструменталниот состав (инструментариум) за кои се наменети. Списокот на дела, т.е. каталогот, можете да го погледнете прикачен на следнава архива.
– Постојат дела од авторот Бранѓолица, за кои знаеме дека се создадени и изведени, но засега не успеавме да пронајдеме нотен запис од нив. Оваа интернет-архива содржи евидентирани и дигитализирани дела што ги најдовме и се во домашниот архив на композиторот Љубомир Бранѓолица. Во оваа фаза беа вклучени сите податоци што беа познати, впишани на самата партитура како на пример, автор на текст, година на создавање итн. За преостанатите податоци и дополнување се потребни дополнителни музиколошки истражувања и анализи, кои верувам дека би резултирале со создавање еден обединет сеопфатен музиколошки труд за ликот и делото на композиторот Љубомир Бранѓолица – додава Блажевски.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Македонија.