Фото: УКИМ

Во рамките на академските свечености по повод одбележувањето на 74-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и одбележувањето на Денот на светите Кирил и Методиј- патрониот ден, во аулата на Ректоратот, на 22 мај се одржа свечен настан. Беше доделена титулата почесен доктор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на проф. д-р Петер Рау од Сојузна Република Германија, визитинг-професор на Катедрата за германски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и основач и директор на Институтот за германско-македонски односи. Исто така беше доделено звањето почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на д-р Оскар Азман, редовен професор на Медицинскиот универзитет во Виена, Австрија.

Фото: УКИМ

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје му ја додели титулата почесен доктор на УКИМ на проф. д-р Петер Рау во знак на признание за долгогодишната наставна дејност како визитинг-професор на Катедрата за германски јазик и книжевност, за големите достигнувања во полето на македонскиот јазик, книжевност и преведувачка дејност, како и за развојот на германско-македонската соработка во областа на уметноста, културата и театарот.

Проф. д-р Оскар Азман пак, се закити со звањето почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во знак на признание за придонесот во развојот на македонската пластична и реконструктивна хирургија, достигнувањата во наставно-едукативната, научноистражувачката и стручно-апликативната дејност, како и за афирмацијата на Универзитетот и на Македонија во меѓународното опкружување.