Фото: Макфакс

Директорката на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Магдалена Филиповска-Грашкоска, кажа дека прво пријавиле дека системот има технички проблеми, а по три дена утврдиле дека имале сајбер напад. Не може да каже детали кој го направил нападот, а се тврди дека никој не ги украл податоците. Според неа, ФЗОМ работи одговорно, а хакирањето го смета како нормално во Македонија бидејќи како што додаде: „сајбер војување не е ново“.

-Штом се утврди дека станува збор за сајбер напад јавноста беше известена. Сите ИТ капацитети беа ангажирани за да се врати системот во функција. Експертите работеа деноноќно. Најважната работа е дека според сите анализи на ИТ експертите нема одлевање на податоци на граѓаните. Податоците не се украдени, се безбедни и заштитени. Тече истрага за сите детали. Здравствените и личните податоци се безбедни. Системите на Фоднот се речиси во нормала, исплатени се платите на здравствени работници, породилното – кажа Филиповска Грашкоска.

Истрагата трае, рече Филиповска Грашкоска, па потенцираше дека има преелеминарна анализа за која не дава детали. Прашана дали со плаќање ги вратиле податоците, таа не одговори.

-ИТ тимот работеше деноноќно за да ги врати функциите на системот во рекордно време. Велам во рекордно време затоа што, статистики, во многу поразвиени земји, просечно им требало 20 дена за да ги вратат функционалностите. Тоа сметам дека не е мала работа – рече Филиповска Грашкоска.

-Не смеам да кажам дали некој ни побара откуп од страна на хакерите. Отворена е истрага и за ова не смеам да коментирам. Нападот беше насочен само кон виртуелните системи, додека податоците на граѓаните се чуваат во маскирана форма и не се читливи. Нема одлив на податоците на граѓаните. Гарантирам дека податоците на граѓаните не се афектирани – рече таа

Од пред неколку денови на боледување е директорот на ИТ секторот во Фондот за здравствено осигурување. Филиповска-Грашкоска, денеска го оправда отсуство, објаснувајќи дека се разболел додека го враќале системот кој не функционираше две недели.

-На тој човек поради големиот стрес и притисок му се влоши здравствената состојба и е на боледување од пред неколку дена – кажа директорката пред новинарите.

Директорот на ИТ секторот не е единствен директор кој не бил во институцијата за време на нападот. Отсутен беше и Фатон Ахмети кој има функција генерален директор. Тој за разлика од директорот на ИТ секторот си користел одмор.

Филиповска-Грашкоска не сакаше да посочи кој е виновен за нападот, колку пари се барале за откуп на податоците, дали истите се откупени, но и кој ќе сноси одговорност.

-Избрзано и некоректно е да посочам со прст во некого за вина – додаде таа.