Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека за предлог законот за родова еднаквост дијалогот продолжува се до оној момент кога, како што вели, ќе се добие конечно, усогласено и квалитетно решение, поткрепено со заштитни механизми, без правни празнини.
Тренчевска во гостување на ТВ Сител вчера појасни дека законот е работна верзија и во фаза на консултација со сите заинтерсирани. Досега се одржале осум јавни дебати со кои биле опфатени сите региони во државата, а присуствувале голем број заинтересирани страни, координаторите и комисиите за еднакви можности на жените и мажите на локално ниво, претставници на локални здруженија на граѓани како и жени пратенички.
Овие јавни дебати, посочи, се со цел, оставање простор за искажани мислења, ставови, сугестии и предлози кои ќе бидат во насока на подобрување на законското решение.
-Дијалогот продолжува се до оној момент кога ќе добиеме конечно, усогласено и квалитетно законско решение, кое нема да остава простор за дилеми околу толкувањето, поткрепено со заштитни механизми, без правни празнини. Остваривме средба и со отец Јаков од Струмичката епархија разговаравме за предлог законот и верувам дека дилемите се расчистени – рече Тренчевска.
Како што потенцира, целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родовата еднаквост, преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење.
-Тенденцијата на овој закон е да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите во општеството. Треба да градиме општество во кое нема да се поставува прашањето: Дали жените треба да бидат во процесот на одлучување и прашањето за жена премиер – рече Тренчевска.