Фото: Официјална страница на „Раце на мирот“

Наама Леви, 19-годишна девојка со потекло од Македонија, била киднапирана на 7 октомври при упадот на припадниците на Хамас во Израел. Информацијата за „Гласот на Америка“ на македонски јазик ја потврдила Рашел Леви Друмер, професорка во Израел, која има македонско потекло и која е вклучена во напорите за ослободување на девојката, пренесува МИА.

На социјалните мрежи веќе е објавено и видео од 19-годишната Наама Леви, а на кое се гледа дека е во заробеништво на Хамас. Барање за помош е упатено и до Еврејската заедница во Македонија, за да се потврди нејзиното македонско потекло, кое, како што се тврди, го има од нејзина чукунбаба.

– Ми се јави господинот Шаул Леви, кој има корени од Македонија, и побара да помогнеме на кој било начин да се ослободи неговата внука. Таа е активист за мир, но била киднапирана и однесена во Газа. Има докази и видео од нејзе – изјавила професорката Друмер за „Гласот на Америка“.

Според податоците што ги испратиле роднините на девојката, нејзината чукунбаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејство на Хаим и Сара Бивас. Бабата, како девојче, околу 1900 година, заминала во Израел каде што низ годините основала семејство. Наама Леви е една од нејзините потомци.

– Но, киднапирана е, има слики дека е жива. Се бара помош, да се види дали преку тоа што има македонски корени да се направи нешто – вели професорката Друмер.

Киднапираната девојка Наама Леви била дел од мировната организација „Раце на мирот“, чија мисија била да ги поттикне младите од Израел, Палестина и од Америка да станат промотори на мирот.

– Таа е борец за мир. Се бореше да се зборува и да се направат контакти со нашите соседи, со луѓето од Газа – додава Друмер.

За киднапирањето на Наама објавиле и од организацијата „Раце на мирот“.

– Наама дојде во организацијата со цел да научи повеќе за конфликтите и да развие вештини да создаде промени со кои сите ние ќе живееме горди, еднакви и слободни – се вели во соопштението во кое се бара каква било помош или информација за нејзино ослободување.

Според израелските воени институции, во нападот на Хамас на 7 октомври, биле киднапирани 242 Израелци. Од нив до сега четворица биле ослободени, а еден бил спасен.

Повеќето македонски граѓани кои се наоѓаа во Израел, како и во Газа, беа евакуирани и пристигнаа во земјава преку специјални хуманитарни летови.