Може ли некој од прва рака да ѝ пренесе на Македонија што значи тоа кога генералниот секретар на НАТО, Руте, вели дека е „време за изградба на НАТО 3.0“?
- Во време кога се пишуваат новите правила на евроатлантската безбедност, Македонија има обврска и право да го искористи секој свој дипломатски и стратешки капитал
Во момент кога НАТО ја спроведува најголемата трансформација од своето основање, Македонија има ретка предност, која досега речиси никогаш не ја поседувала – свој претставник во највисоките структури на Алијансата.
Радмила Шекеринска, како заменик-генерална секретарка на НАТО, се наоѓа во самиот центар на процесите што ќе ја обликуваат иднината на европската безбедност. Тоа не значи дека таа може да носи одлуки во име на Македонија, ниту дека нејзината функција е национална, а не меѓународна. Но нејзината позиција овозможува нешто друго – навремено разбирање на трендовите, приоритетите и правецот во кој се движи Алијансата.
Токму затоа се поставува прашањето зошто заменик-генералната секретарка на НАТО не ја користи оваа можност, во рамките на можностите што го дозволува ова својство, да им се стави на располагање на македонските институции, и воопшто за да ѝ помогне на својата земја.
Имено, во период кога се креира НАТО 3.0, на државата ѝ се потребни повеќе стратешки процени, повеќе експертски дебати и повеќе информации за тоа како новите политики ќе влијаат врз армијата, буџетот за одбрана, инфраструктурата и регионалната безбедност.
Македонија не може да влијае врз глобалните процеси, но може навреме да се подготви за нив.
Токму затоа би било корисно јавноста, институциите и стручната заедница почесто да ги слушаат процените и ставовите на нашата највисоко позиционирана претставничка во НАТО. Не како политичко-партиска фигура, туку како личност што од прва рака ги следи најважните безбедносни промени во современиот свет.
Во време кога се пишуваат новите правила на евроатлантската безбедност, Македонија има обврска и право да го искористи секој свој дипломатски и стратешки капитал. Р.С.


































