Фото: Маја Јаневска-Илиева/ илустрација

Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци вели дека тимовите на сојузот ќе ги искористат денешниот и утрешниот ден да соберат и предлози и барања како да се адаптира државната матура за сегашната ситуација

Најголем проблем поради штрајкот имаат матурантите. Тие на почетокот на јуни годинава треба да почнат да ги полагаат испитите од државната матура. Околу 1.600 од вкупно 16.000 пријавени за полагање државна матура не полагале за делот од испитите што се однесува на проектна задача.

Како што штрајкот, кој почна на 11 април, се оддолжува, а се приближува крајот на учебната година, кој за матурантите е на 20 мај, тие и нивните родители се повеќе стравуваат како ќе се реализира целиот процес со полагање и како ќе им се проверува знаењето за наставен материјал кој не е предаден или не е утврден. Во овој период, матурантите вообичаено во училиштата се подготвуваа за полагањето.

На социјалните мрежи веќе наголемо се предлагаат иницијативи годинава да се укине полагањето на државната матура, зашто така налага моменталната ситуација.

– Без да полагаат матура, на матурантите овозможете им да се запишат на факултет и завршете ја оваа агонија. Децата за вас ли да го плаќаат данокот, со нивната иднина  – вели еден родител.

Друг родител, пак, е загрижен како ќе се одвива состојбата, зашто неговото дете треба да се запише на факултет во странство.

Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци вели дека тимовите на сојузот ќе ги искористат денешниот и утрешниот ден да соберат и предлози и барања како да се адаптира државната матура за сегашната ситуација.

Фото: Принт скрин

– Откако сето ова ќе го направиме, ќе креираме унифициран документ кој ќе го испратиме до Владата – кусо посочи Павиќевиќ.

Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар вчера за „Нова Македонија“ посочи дека предложиле до министерот за образование да го промени календарот за полагање за онолку денови колку што трае прекинот на настава, но сега имаме нова состојба.

Да се укине полагањето на матурскиот испит е задоцнета идеја, и невозможно, вели Наумовска

Не знаеме колку ќе трае новата состојба. Нашиот став е дека наставниците треба да излезат во пресрет на над 17.000 матуранти – вели Наумовска.

Фото: ДИЦ

Голем проблем имаат учениците што веќе се примени на странски универзитети.

– Тие до 10 јули треба да ги достават документите до факултетите во странство. Ако се поместат роковите нема да може да ги достават. Замислете што значи тоа за еден млад човек, кој успеал да биде примен на престижен универзитет и работел на тоа. Апелирам уште еднаш да се излезе во пресрет на учениците – вели Наумовска.

По штрајкот ќе се крати материјалот или ќе се учи по 10 јуни – матурантите во најголема неизвесност

Иако разговорите меѓу раководството на СОНК и Владата изминатиот викенд се очекуваше да даде резултат, сепак завчера членството на Синдикатот се изјасни против предлогот платите на вработените во училиштата и градинките да се зголемат за 12 проценти. Ова е второ одбивање на предлог од СОНК, откако прво членството не се согласи на зголемување за 10 проценти. Според досегашните најави оттму, штрајкот ќе трае се додека не се најде прифатливо решение за двете страни. Синдикатот во знак на незадоволство од резултатите на преговорите одлучил да организира голем масовен протест пред Владата в среда на 4 мај 2022 година. Единствено од вчера за децата работат само градинките.