Фото: Принт-скрин

Братот на последниот исчезнат Македонец на Халкидики посочува дека потрагата се одвива со значително намален капацитет на луѓе и ресурси во текот на петтиот ден. Семејството на исчезнатиот Мартин се наоѓа во Грција и оттаму бара помош.

– Ова е фотографијата направена од денот на исчезнувањето на мојот брат. Потрагата сè уште е во тек, меѓутоа со многу намален капацитет. Потребна ни е поголема покриеност од воздух, копно и вода. Доколку некој има каква било информација и е во можност на кој било начин да помогне во потрагата по мојот брат, слободно нека ми се јави. Ве молам, споделете ја фотографијата за волонтерите што помагаат да имаат појасна слика – напиша брат му на исчезнатиот Мартин.

Ова е второ обраќање во јавност на семејството Јовановски по исчезнувањето на Мартин. Тие и вчера апелираа да се продолжи со потрагата бидејќи веруваат дека Мартин е жив.

– Не смееме да дозволиме да се откажеме сè додека не се пронајде Мартин – вели братот на Мартин, истакнувајќи дека неговото семејство поминува низ исклучително тешки моменти.