Нашата новинарка Јасмина Павловска ја прими благодарницата од директорката на институтот, Елена Грујовска-Јованова - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Седумдесетгодишнината од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ заокружена со доделување благодарници за поддршка

Со таквиот чин, институтот „Крсте Мисирков“ му оддаде исклучително признание и чест на нашиот весник, одбележувајќи дека „во своето професионално работење ’Нова Македонија‘ ги поттикнува творечките потфати и се грижи за промовирање на научните и на стручните работници од таа област, создавајќи пишани сведоштва за развојот на македонистичката научна мисла“. Исто така, „Нова Македонија“ перманентно посветува внимание за афирмација на македонскиот јазик, литературата, македонскиот фолклор и на националната историја, како најголеми национални вредности!

Одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ вчера беше заокружено со благодарност до медиумите за континуирано следење на работата на оваа научна институција. Директорката на институтот, Елена Грујовска-Јованова, се заблагодари за поддршката и видливоста на активностите и настаните што ги организираат од страна на медиумите.

„Нова Македонија“ како медиум што во својата уредувачка политика ја вградил континуираната афирмација на македонскиот јазик и посветува значаен дел од своите содржини за поткрепа и поддршка на македонскиот јазик доби благодарница од Институтот за македонски јазик. Со таквиот чин, институтот „Крсте Мисирков“ му оддаде исклучително признание и чест на нашиот весник, одбележувајќи дека „во своето професионално работење ’Нова Македонија‘ ги поттикнува творечките потфати и се грижи за промовирање на научните и на стручните работници од таа област, создавајќи пишани сведоштва за развојот на македонистичката научна мисла“. Исто така, „Нова Македонија“ перманентно посветува внимание за афирмација на македонскиот јазик, литературата, македонскиот фолклор и на националната историја, како најголеми национални вредности!

„Нова Македонија“ е историски поврзана со кодификацијата на македонскиот јазик со фактот дека има голема улога во неговото официјализирање како службен јазик во Република Македонија. Имено, на 5 мај 1945 година со објавата во „Нова Македонија“ е официјализирана азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.
Изминативе две седмици, Институтот за македонски јазик ја одбележи 70-годишнината од своето постоење со повеќе настани, меѓу кои и научната манифестација Отворени денови на Институтот.Ј.П.