Фото: Игор Бансколиев

УСТАВНИОТ СУД ЌЕ ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА НА УПАТСТВОТО ЗА ВОДЕЊЕ МАТИЧНИ КНИГИ

Уставниот суд вчера донесе одлука да поведе постапка за утврдување на уставноста на Упатството за водење матични книги поради непочитување на уставно пропишаниот рок од седум дена за негово објавување во „Службен весник“. Исто така Уставниот суд донесе привремена мерка за неиздавање на овие документи. Како што е познато во јавноста, министерот Лога го потпишал упатството за водење матични книги на 29 мај, а во „Службен весник“ било објавено на 15 јуни, што значи дека „не е испочитуван уставниот рок од Секретаријатот за законодавство и ’Службен весник’“ да биде објавено во рок од седум дена.

На седницата на Уставниот суд, во делот на јавноста, присуствуваше и министерот за правда Кренар Лога, при што тој изјави дека „пропустот не е направен од негова страна“ и дека „такви пропусти имало во минатото во сите службени весници“…
Според министерот Лога, Уставниот суд не треба да ја отвора Пандорината кутија, бидејќи речиси во секој „Службен весник“ имало непочитување на уставните рокови и дури и имало непочитување и на Уставниот суд. Министерот не одговори на прашањето во кои држави во изводот има графа за етничка припадност, туку настапи со контрапрашање, и тоа: Во кои европски земји во Уставот стои „јазик што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“.