Фото: ЕПА

Проширувањето на ЕУ не е меѓу приоритетите на шпанското претседателство

Очигледно и Шпанија, како и претходните претседавачи со Унијата, акцентот и фокусот на своето дејствување ги насочува кон некои други поважни прашања за неа, додека прашањето за проширувањето секако останува за во иднина, но засега не како инстантно егзекутивна, туку како декларативна заложба

Од почетокот на месецот Шпанија го започна своето шестмесечно претседавање со Европската Унија (ЕУ), при што прашањето за проширување на Унијата воопшто не е наведено меѓу нејзините приоритетни цели. Од друга страна, токму во овој период, односно до ноември, предвидено е да заврши и скрининг-процесот меѓу Македонија и ЕУ, а пораките и очекувањата на меѓународната заедница се дотогаш Македонија да ги направи и бараните уставни измени. И додека од Македонија на кратки патеки се бараат и очекуваат нови болни отстапки и внесување на Бугарите во Уставот, проширувањето на Унијата никаде го нема меѓу приоритетите на претседавачите со ЕУ.

Очигледно и Шпанија, како и претходните претседавачи со Унијата, акцентот и фокусот на своето дејствување го насочува кон некои други поважни прашања за неа, додека прашањето за проширувањето секако останува за во иднина, но засега не како инстантно егзекутивна, туку како декларативна заложба.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, претставувајќи ги приоритетите при претседателствувањето со ЕУ, истакна дека Шпанија е „длабоко проевропска“ земја и дека нејзините приоритети се „многу во согласност со главните грижи и барања на граѓаните“.

Како клучни приоритети тој издвои четири точки, меѓу кои продолжување на поддршката за Украина, обезбедување економска безбедност на ЕУ, продолжување на енергетската транзиција и миграциските прашања. Како други области, кои исто така ќе бидат во фокусот на шпанското претседателство со Унијата, се споменуваат и реиндустријализација на Европа, обезбедување напредок во еколошката транзиција и социјалната правда и зајакнување на европското единство.

Исто така ќе се работи и на олеснување на проширувањето и диверзификацијата на трговијата со трети земји и на зајакнување на европските синџири на снабдување.
Премиерот Санчез ја нагласи и потребата од унапредување на еколошката транзиција, додавајќи дека, благодарение на тоа, Европа до 2030 година ќе заштеди 133 милијарди евра за увоз на фосилни горива, ќе создаде милион работни места и ќе ја направи економијата поконкурентна.

Што се однесува до социјалниот столб на политиката на ЕУ, шпанскиот премиер ја нагласи потребата еднаш засекогаш да им се стави крај на сите даночни избегнувања и затајувања од страна на супербогатите и големите светски корпорации.
Зборувајќи за приоритетите, шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес истакна дека со враќањето на војната во Европа, Унијата мора да биде обединета.

Во таа насока пораките се дека Шпанија сака „да го унапреди пристапниот процес на земјите-кандидати и да ги следи новите кандидати, како Украина“.
И додека во шпанската агенда формално не е наведено проширувањето на Унијата како приоритет, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, деновиве порача дека е невозможно да се замисли ЕУ без Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан, не пропуштајќи да нагласи дека сепак ќе биде потребно време да се најде начин да се крене рампата за овие земји, вклучувајќи и за Македонија. Во последно време во игра е и нов план на Брисел, во јавноста препознатлив како втора лига за ЕУ, кој предвидува одредени економски механизми за приближување на регионот кон ЕУ, но без полноправно членство во скоро време. А.Д.