Ако не сакате сите млади да одат во Европа, тогаш Европа треба да ја донесете овде, порача денеска шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, на заедничката прес-конференција со нејзиниот македонски колега Бујар Османи.
– Сакам да ја изразам мојата почит и признание колку досега Северна Македонија консеквентно чекореше по европскиот пат. Знаеме какви компромиси и отстапки Вие направивте за сево ова, поаѓајќи од промената на името на земјата, па се до постигнувањето на согласност за промената на Уставот минатото лето. Знам дека договорот што го постигнавте со Бугарија не беше лесно за вас и затоа им се обраќам на сите оние луѓе кои се уште чувствуваат некаква нелагодност во однос на тоа. Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и затоа и можам да разберам дека се дебатира за тоа – особено кога станува збор за сопствениот идентитет и сопствената историја, јазик и култура – рече Бербок.
Според неа, затоа е многу важно „во вакви моменти кога станува збор за сопствениот идентитет да не се водат црно-бели дебати, туку да се зборува поинаку во политиката“.
– Важно и значајно беше што Вие го трасиравте овој пат особено во однос на посебните предизвици. Со оваа храбра политичка одлука можат пристапните преговори официјално да започнат и вие со оваа политичка одлука и политички капитал испративте јасен сигнал до целиот регион – го сакаме приемот во ЕУ и ќе направиме се што е неопходно за тоа. Кога станува збор за спроведување на договореното и кога навистина мора да се промени Уставот, тогаш можам само да ве охрабрам – искористете ги сите расположливи средства процесот да продолжи во наредните месеци, да не се случи да не успеете на оваа клучна пречка – нагласи Бербок.
Договорената промена на Уставот, истакна Бербок, не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност.
Османи, од своја страна, посочи дека германската министерка доаѓа во клучен период за земјава, кога Севера Македонија претседава со ОБСЕ и со две регионални платформи оваа година, што зборува, како што истакна, за новата регионална позиција на земјава.
– Германија продолжува да биде еден од најсилните партнери на европската интеграција на регионот и во тој контекст би сакал да се заблагодарам за силната и континуирана поддршка што ја добива и нашата земја – рече Османи.
Според него, 2030 е амбициозна, но остварлива цел за интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан.
– Северна Македонија има преземено обврски коишто мора да ги испорача, а преговорите со ЕУ за членство мора да продолжат. Овој пат тоа зависи само од нас. Во Унијата не се интегрира Владата, туку целата држава, заедно со опозицијата и секој од нас треба да ја понесе обврската за овој процес и тука сметаме на поддршката на нашите европски пријатели – истакна Османи.
Германија, додаде Османи, е наш трговски партнер број еден, со кого имаме највисока трговска размена.
-Изминатата година достигна над пет милијарди евра и продолжува да се зголемува, а од Германија во земјава доаѓаат и најголемите странски инвестиции со над 200 германски компании присутни на нашиот пазар. Оттука сакаме оваа соработка да ја крунисаме со создавање стратешко партнерство меѓу двете земји – нагласи Османи на заедничката прес-конференција со шефицата на германската дипломатија Бербок.