Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги го смета за апсолутно неприфатлив недоличниот однос на министерот за економија, Крешник Бектеши, кон новинари на ТВ „Канал 5“ и на ТВ „Телма“, за време на денешната прес-конференција.
„Носителите на јавни функции треба да се воздржат од изнесување лични ставови, коментари и етикетирања со кои се загрозува слободата на медиумите и може да води кон појава на самоцензура“, велат од АВМУ.
Агенцијата апелира дека е неопходно да се вложат максимални напори за обезбедување поволен амбиент за непречено работење на медиумските работници имајќи ја предвид нивната улога во отворањето прашања од јавен интерес и обезбедувањето транспарентност и одговорност на јавните органи.
-Во врска со недоличниот однос на министерот за економија Крешник Бектеши, кон новинар на ТВ Телма, за време на денешната прес конференција, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги уште еднаш потенцира дека упатувањето навреди и омаловажувања кон новинари се апсолутно недозволиви. Медиумите се еден од клучните столбови на демократијата и имаат важна улога во креирањето на критичкото мислење за прашања кои се од посебен јавен интерес. Исклучително е важно да им се овозможи на новинарите непречено да ги извршуваат своите професионални задачи за навремено и точно информирање на јавноста. Наместо омаловажувања и навреди треба да се покаже почит кон новинарската професија и достоинството на медиумските работници – реагираат од АВМУ.