Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во aрхиепископската резиденција вчера го прими митрополитот Алкалохориски г. Андреј, од Критската Архиепископија ‒ Вселенска патријаршија, кој, воедно, е и редовен професор на Аристотеловиот Универзитет во Солун, по предметот Црковна историја.
Како што се наведува во соопштението од Скопската епархија на МПЦ – ОА, гостинот му ги пренел на архиепископот г.г. Стефан поздравите и честитките од Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, по повод божикните чествувања и именденот. Исто така, разговарале и за актуелности во сеправославната екумена, а особено за најновите настани поврзани со МПЦ-ОА. Архиепископот се заблагодарил за посетата и за поздравите и упатил возвратни поздрави до неговата сесветост.
-Во претходните денови, високопреосвештениот митрополит ги посети нашите светилишта во Охрид и свештениот Бигорски манастир – информираат од Скопската епархија.