Илустрација/Фото: Архива

Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави смена на директорот на Управата за извршување на санкции Марјан Спасовски откако избега осуденик од затворот во Идризово. Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата рече дека е незадоволен од работата на Спасовски и затоа ќе бара негова замена.

-Веќе отпочнав процес на селекција на нов директор на Управата за извршување на санкции – рече Ковачевски.

Во однос на директорот на затворот Идризово, Ковачевски кажа само дека тој е назначен од пред неколку месеци и промената била направена врз основа на консултации што ги имал со меѓународни институции во делот на управувањето на затворски систем и на финансиски институции кои финансираат унапредување на затворскиот систем на државата.

Од Министерството за правда денеска соопштија дека Управата за извршување на санкциите на 13 јануари спровела вонреден стручен надзор во затворот Идризово со цел да се утврдат сите околности кои довеле до бегството на осуденото лице Беким Мемети.