Фото: МИА

Поради зголемениот број на дојави за поставени бомби, американската амбасада од граѓаните на САД бара да избегнуваат масовни собири, демонстрации и да имаат резервен безбедносен план.

Во безбедносните насоки упатени од американската амбасада во Скопје се апелира на поголема будност за време на празничните фестивали, настани, во верските објекти, како и на локации со зголемен број присутни лица.

Во објавата, тематски насловена како „Потенцијал за зголемен криминал во текот на празниците и активни закани за поставени бомби низ Северна Македонија“, им се посочува на американските граѓани да внимаваат на сопствената безбедност, пренесе „Гласот на Америка“ на македонски јазик.

– Поради зголеменото присуство од лица на празничните пазари, трговските центри и на други јавни места, амбасадата на САД ги потсетува државјаните на САД да бидат внимателни, зашто е можен пораст на кражбите и друг вид криминал – се вели во дел од насоките, објавени преку интернет страницата на американската амбасада.

Од амбасадата потсетуваат и за зголемените дојави за поставени бомби на локации поврзани со јавниот транспорт, во трговски центри, спортски објекти и во училишта. Притоа од граѓаните на САД се бара да постапуваат согласно насоките од македонските безбедносни структури.