Фото: МИА

Министерот за здравство во заминување Азир Алиу денеска направи пресек на својата 13-месечна работа, оценувајќи дека во изминатиот период се реализирани бројни проекти и реформи во здравствениот систем, пренесе МИА.

Тој посочи дека од 9 јуни 2025 година досега Министерството работело на 15 законски решенија, од кои дел веќе се усвоени, а останатите се во различни фази од законодавната постапка.

-Успех е што работевме на 15 закони. Некои веќе се дел од законодавниот систем, а други се во процедура. Дигитализацијата ја поставивме како клучен приоритет и таа ќе продолжи. Дополнително, ја вклучивме државата во програмата EU4Health, што ќе донесе финансиска и експертска поддршка, како и подобар систем за управување со здравствените податоци – изјави Алиу.

Според него, една од реформите што не успеала да се реализира е поврзувањето на здравствениот систем со финансирањето, со што граѓаните би можеле сами да избираат дали услугите ќе ги користат во јавни или приватни здравствени установи.

Законот за тутунските производи пред усвојување

Алиу истакна дека Законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи е меѓу најзначајните законски решенија подготвени од Министерството.

Тој појасни дека законот ги поминал владините процедури и првото читање во Собранието, а во моментов се разгледуваат осум поднесени амандмани.

-Формиравме експертска група која ќе ги разгледа амандманите. Очекувам новиот министер да го продолжи процесот и законот во следните две до три недели да биде усвоен, бидејќи е исклучително важен за јавното здравје – рече Алиу.

Нова студиска програма за парамедици

Осврнувајќи се на недостигот од кадар во Итната медицинска помош, Алиу рече дека проблемот не е специфичен само за Македонија, туку е глобален.

Како решение, Министерството ги завршило процедурите за воведување тригодишни студии за парамедици на Медицинскиот факултет, а се чека одобрување од Сенатот на УКИМ.

-Не може со тримесечна обука да се создаде квалитетен кадар. Затоа предвидуваме тригодишни студии, согласно светските стандарди. По нивното завршување, парамедиците ќе работат во координација со експерти од клиниките и болниците, што ќе ја подобри ефикасноста на Итната медицинска помош – нагласи тој.

Кардиохируршките случаи предадени на надлежните институции

Во однос на извештаите за наводно непотребно извршени кардиохируршки интервенции, Алиу изјави дека Министерството ја завршило својата работа.

-Материјалите беа разгледани на затворена седница на Владата и потоа доставени до надлежните институции. Доколку биде побарано, Министерството ќе обезбеди дополнителни информации – рече министерот.

Алиу информираше дека денеска одржал состанок со својот наследник, кого го запознал со сите тековни и завршени процеси, а од наредната недела новиот министер ќе го преземе раководењето со ресорот и ќе ги продолжи започнатите активности.