Фото:АХВ/Фејсбук

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) сè уште ги очекува резултатите од лабораториските анализи по пријавата за можно труење на шестмина вработени во фабрика во ТИР зоната во Штип. Во меѓувреме, при вонредниот инспекциски надзор кај фирмата што ја подготвувала храната биле утврдени помали отстапувања во хигиената, поради што е изречена парична казна, а кујната е привремено затворена до отстранување на недостатоците, пренесе МИА.

-Во средата, по добиени пријави од ЈЗУ Штип дека шест вработени во компанијата се јавиле на лекување со стомачни тегоби по консумирање на оброк во компанијата, инспектор за храна од АХВ, во соработка со Државниот институт за јавно здравје – Скопје, спроведе вонреден инспекциски надзор во кујната каде се послужувала храна. Земени се брисеви и мостри за лабораториско тестирање за утврдување на евентуалниот причинител на можно труење со храна – соопштија од АХВ.

Од Агенцијата информираат дека резултатите од лабораториските испитувања сè уште не се пристигнати.

Четворица од вработените медицинска помош побарале во Клиничката болница во Штип, додека уште две лица биле прегледани во приватни здравствени установи. Ниту едно од лицата не било задржано на болничко лекување.