Живееме во епидемиолошка агонија, а немаме вакцини, Комисијата за заразни болести да побара одложување на пописот за да нема човечки загуби. Ова го истакна Андон Чибишев, од денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ пред министерството за здравство под мотото „Здравјето не е статистика, жените против неправдите“.

Рече дека додека Светската здравствена организација апелираше: „тестирај, тестирај, тестирај“, ние тестиравме во ограничен број, а граѓаните од свој џеб да плаќаат 6.000 денари за да можат приватно да се тестираат. За цело време на пандемијата, обвини Чибишев, имаме недостаток од соодветна терапија, но на приватно, граѓаните можат по аптеките да ги набават потребните лекови кои им беа потребни за да се лекуваат тие и нивните семејства.

Според него, цела година ние живееме во епидемиолошка агонија, а се уште немаме уедначени протоколи за лекување.

Чибишев посочи дека сега кога имаме недостаток на вакцини и цел свет брои бројка на вакцинирани со втората доза, ние броиме новозаразени и починати пациенти, што е катастрофално.

– Од пред неколку месеци добиваме ветувања дека ќе добиеме вакцини, од нашите пријатели д ЕУ, не добивме, па добивме ветување дека имало договор до одредена фармацевтска компанија и дека вакцините само што не пристигнале, арно ама вчера дознавме дека договор немало – истакна Чибишев.