Во нашата држава сега нема ниту еден пациент да чека за лек за малигна болест. Има 30 нови – најсовремени терапии и сите лекови се со оригинални сертификат. Во сферата на ракот на дојка од сега има двојно читање на мамографските слики што значајно го намалува ризикот од грешна интерпретација.

– Во сферата на ракот на грлото на матката имаме најсовремена четиривалентна вакцина којашто се повеќе млади девојки покажуваат интерес да се вакцинираат – вели министерот Венко Филипче.

Тој потенцираше дека целокупниот дел на партиципација го покрива државата.

– Целокупниот дел на партиципација го покрива државата. Ниту еден пациент којшто има малигна болест не само за процесот на лекување, туку и за контролни прегледи сега не плаќа партиципација. Од страната на Фондот за здравствено осигурување се дадоа бесплатни ортопедски помагала, градник и нараквица за пациентките кои се оперирани од рак на дојка – рече министерот Филипче.

На Клиниката за хематологија има нови методи за лекување на малигна болест на крвта, за кое што досега пациентите беа праќани во странство и плаќаа огромни суми на средства.

– Сметам дека значајно напредуваме овој сегмент во нашето здравство, во делот како што кажав и на дијагностика и на третман на рано откривање, она што сега следи во делот на примарното здравство е потенцирање на сите активности и механизми коишто ги имаат матичните лекари. Да укажат на важноста, да ја подигнат свеста кај населението за важноста на раното откривање на одредени малигни болести, по извршувањето на скрининг, посебно на овие дијагнози заради тоа што постојат малигни дијагнози во коишто рано откривање може да значи целосно излекување. Апелирам до граѓаните, до населението, редовно да се појавуваат на скрининзите за карцином на дојка, на цервикс на грлото на матката, а мажите за карцином на простата – истакна министерот Филипче.

Претседателката на Здружението „Борка – за секој нов ден“, Биба Додева информираше дека Светскиот ден за борба против ракот се одбележува уште од 2000 година, со една цел – да се здружат владините, институциите, невладиниот сектор во подигнувањето на свеста за превенција за рана дијагноза, современ и навремен третман на луѓето кои се заболени.

– Денеска го одбележуваме Светскиот ден за борба против ракот. Навистина е огромна чест што ве имаме вас како медиуми, бидејќи низ цели овие 13 години вие бевте онаа карика која што ни служеше и којашто ни помагаше на сите они активности што ги правиме, и јавната свест и информациите да стигнат до они кои што им е најмногу потребно. Затоа и денеска е посветен настанот на медиумите и на важноста од нашата соработка. Инаку, би сакала да потенцирам дека овој ден се одбележува уште од 2000-та година и целта ни е заедно, значи да се здружат сите сили од владите, институциите, невладиниот сектор, се со цел да се подигне свесноста за превенција за рана дијагноза, современ и навремен третман на луѓето кој што се заболени, коишто се детектирани од било какви малигни заболувања – изјави претседателката Додева.