Синоќа преку Меѓународниот аеродром „Скопје“ извршена е депортација на три женски лица, од кои две со регулиран статус на државјанки на Република Северна Македонија и едно малолетно лице од две години за кое треба да се спроведе постапка за стекнување државјанство.

Лицата се депортирани со редовен авионски лет од Република Турција, поточно од бегалскиот камп „Газијантеп“, кога претходно одреден период престојувале во воените зони во Сирија и Ирак.

– На аеродромот во Скопје трите лица беа прифатени од стручни екипи на Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи, при што сите екипи постапија во рамките на своите надлежности – информираат од Владата.

Во согласност со протоколите за здравствена и социјална заштита, на аеродромот биле направени првите контролни здравствени прегледи и извршени се анкети и разговори, при што им се дадени и совети за нивното натамошно згрижување, здравствена и социјална заштита.

– Кога беа направени службени формалности за потврдување на идентитетот и првичните здравствени прегледи, беа информирани дека во согласност со член 31 од Законот за заштита на населението од заразни болести, како и поради нивно здравствено згрижување и потреба од остварување на правата од социјалната заштита, врачено им е решение за ставање под здравствен надзор и обезбедување здравствена заштита – велат од Владата.

Лицата се сместени во објект под надзор на Министерството за труд и социјална политика, Центарот за социјални работи Скопје, поради фактот дека доаѓаат од подрачја со зголемен епидемиолошки ризик, вклучително и поради тековните мерки за превенција од коронавирусот.

Кога ќе помине периодот на здравствен надзор и ќе бидат завршени сите медицински прегледи и тестови, особено од аспект на здравствената заштита на две-годишно дете, по претходна одлука на соодветен стручен тим од Министерството за здравство, на трите женски лица ќе им биде овозможено да бидат прифатени од своите најблиски, како и да бидат интегрирани во системот за социјална заштита по стручна процена на надлежните служби на Министерството за труд и социјална политика.