Македонија е на деветто место според бројот на поднесени апликации до Европскиот суд за човекови права, од 47 држави-членки на Советот на Европа. До крајот на минатата година против нашата држава биле поднесени 370 апликации пред ЕСЧП, а во постапка останале распоредени 339 апликации, од кои 234 за судот има добро воспоставена практика, односно за правни прашања за кои судот веќе донел одлуки. Во 2018 година 239 апликации биле прогласени за недопуштени односно судот не ги прифатил најчесто поради неисполнување на некои определени формални претпоставки.

Вчера, пред Постојната анкетна комисија за заштита на правата и слободата на граѓанинот во Собранието, го истакна ова в.д. директорката на Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП, Даница Џонова, презентирајќи ги годишните извештаи за работата на бирото и на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките ЕСЧП за 2018 година.

Против нашата држава ЕСЧП лани донел 12 пресуди за 15 предмети. Државата по основа на изгубени предмети за минатата година треба да плати или платила отштета од 124.900 евра што претставува зголемување во однос на претходните две години, а овие средства се очекува да се зголемат имајќи предвид дека постапките за апликации од 2018 година сѐ уште се во тек.

Во извештајот на бирото се забележува дека високиот број поднесени апликации против државата може да се толкува како показател за постоење висока перцепција за неповолни состојби во државата, кога станува збор за почитувањето на човековите права.

Џонова, која пред пратениците, презентира неколку поспецифични апликации и одлуки од минатата година, побара од нив измени на Кривичниот законик и на Законот за кривична постапка.