Фото: Игор Бансколиев

По повод Медиумскиот ден, дневниот весник „Нова Македонија“ по четврти пат традиционално беше домаќин на група средношколци, кои имаа можност да се запознаат со новинарите и начинот на нивната секојдневна работа.

Средношколците од скопските гимназии „Јосип Броз Тито“ и „Кочо Рацин“ беа првата група која не посети, втората група ученици беа од гимназиите „Орце Николов“ од Скопје и „Добри Даскалов“ од Кавадарци, третата група средношколци беа од гимназијата „Зеф Љуш Марку“ од Скопје и „28 ноември“ од Дебар.

Учениците во својата обиколка беа запознаени со основните карактеристики на печатените медиуми, начинот на функционирањето на дневните весници, како и со новинарскиот производ во печатените медиуми и нивната улога во општеството.

Идејата на оваа посета и воопшто на овој настан е средношколците да се запознаат со улогата на медиумите во општеството, начинот на кој функционира една редакција, како и со основните новинарски професионални стандарди.

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста по четврти пат организира Медиумски ден за средношколците од Македонија. Повеќе печатени, електронски и онлајн медиуми од Скопје, Битола и Куманово ќе бидат домаќини на 100-тина ученици од повеќе средни училишта од цела Македонија. 

Оваа година домаќини покрај дневниот весник „Нова Македонија“ се и МРТ1 Промо, ТВ21, ТЕРА ТВ (Битола) и ТВ Плус (Куманово), „Макфакс“ и „Радио МОФ“.

Настанот се организира во рамките на проектот „Коалиција за медиумска писменост“ што Високата школа го реализира во партнерство со Институтот за различности во медиумите и весникот „Нова Македонија“, а со поддршка на Европската Унија.