Амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан, во Куклица го отворија новиот инфоцентар за посетители и туристи.
Споменикот на природата Куклица, познат по единствените камени формации, популарно наречени кукли, кои се резултат на милиони години ерозија, е позната атракција во кратовскиот регион и во земјата. Со децении недостигаат вложувања во зачувување и обезбедување на Куклица, кои се потребни за соодветно управување со ова заштитено подрачје.

Преку Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, вредна над четири милиони евра, за заштита и промоција на Куклица беа обезбедени 65.000 евра. Оваа програма е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Новиот инфоцентар е дизајниран и изграден во согласност со стандардите на Европската Унија, во согласност со главните карактеристики на Куклица и ќе придонесе за развој и промоција на туризмот и можности за вработувања. Дрвената градба вклучува и галерија со информации за споменикот на природата, пункт за продажба на сувенири и промотивни материјали, како и училница за одржување научни и други јавни настани.

– Прв збор што ми паѓа напамет овде е зборот горд. Треба да сте горди на „Евровизија“, на првото место во ракомет во Европската лига на шампионите, на извештајот од Европската Унија, на екоактивистите што ја чистат земјата, горди на бисерите на природата како што е овој во Куклица – истакна евроамбасадорот Жбогар.
Тој додаде дека има два апела, еден до власта и еден до граѓаните.

– Првиот апел е до властите. Да бидеш горд значи да бидеш и одговорен. Одговорен кон природата, природните убавини што треба да им ги предадеме на идните генерации. Охрид и Охридско Езеро се бисери, кои навистина се во опасност. Апелирам гордоста да не се претвори во срам. Втората порака е до граѓаните. Овде за проектот во Куклица сме партнери со УНДП и со општината, со невладината организација „Извор“ помогнавме да се реконструира и заштити овој споменик на културата и да донесеме повеќе туристи. Туристите не доаѓаат овде за да гледаат расфрлани шишиња по тревата и затоа мојот апел до граѓаните е да бидете горди и да ја зачувате чиста околината. Слоганот на нашата кампања е: „Чисто како дома исто“ и ајде да се обидеме да ја зачуваме природата – порача Жбогар.

Постојаниот претставник на УНДП, Нарине Сахакјан, ги истакна клучните принципи и цели на проектот за Куклица и програмата за заштита во целост.
– Заштитата на биодиверзитетот и подобрувањето на управувањето со заштитените подрачја бара заложби, иновативни пристапи и трансформација. Овој проект што го промовираме денеска има цел да иницира промена на начинот на кој земјата управува со своите национални ресурси преку создавање примери, кои ќе покажат дека заштитата на природните ресурси води кон социјални и економски придобивки – објасни тој.

На реконструираната локација се очекува да има околу 30.000 туристи годишно, вклучувајќи и образовни посети на ученици, студенти, научни и туристички тури, како и еколошки организации. Покрај инфоцентарот, со проектот се направени нови патеки и набљудувачки пунктови во Куклица. Со нив ќе се обезбеди подобар пристап на посетителите, а во исто време и подобра заштита на споменикот на природата и околината. За минимизирање на опасностите од штети од поројни дождови, исчистени се и реконструирани одводните канали. П.Р.