Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на прес-конфeренција во градскиот парк, ја лансираше иницијативата „Зелена дипломатија – новото нормално“ и ja информираше јавноста за конкретните чекори и проекти преку кои ќе се спроведува.

„Свесен сум дека темата не е дневнополитички актуелна, но во меѓународните односи се наметнува како најважното прашање за иднината на светот. И тука не се работи за некоја апстракција. Во својот извештај Обединетите нации ги вбројуваат пожарите и поплавите како најважните последици на климатските промени“, истакна министерот.

Тој ги презентираше проектите преку кои ќе се спроведува оваа иницијатива, при што, информираше дека ќе биде назначен и климатски амбасадор чии надлeжности ќе бидат промовирање на домашните и меѓународните политики за зачувување на животната средина.

„Амбасадите ќе бидат предводници на иницијативата за зелена дипломатија, што ќе значи и нула пластика во МНР и целата дипломатска мрежа, споделувње на возило со колегите, возење велосипед или пак тротинет, соларни уреди како одржливи извори на енергија, штедење на хартија, замена на светилките со штедливи светилки“, објасни Османи.

Министерот, во овој контекст информираше дека веќе е во постапка формирање на посебно Одделение во МНР за зелена дипломатија кое ќе ги следи и анализира меѓународните политики во областа на климатските промени и заштитата на животната средина и ќе продуцира насоки кои ќе се преточуваат во конкретни домашни политики.

Тој нагласи дека ќе се изгради зелен покрив на зградата на МНР, ќе се воспостави и систем за селекција на отпад, а објектите на амбасадите ќе треба да станат енергетски ефикасни. Ќе се практикуваат и зелени состаноци, кои се сé почести меѓу дипломатите во светот, но стануваат дури и нужност со траeњето на ковид пандемијата.

„Ние имаме визија да станеме прва земја од регионот што ќе обезбеди одржлива работна средина во министерството, но и на дипломатската мрежа во следните пет години“, заклучи министерот Османи.