Од изложбата „И јас сум тука“

Сите заедно треба да ја зголемиме свеста и да ја разбереме различноста на лицата со попреченост, бидејќи секој човек е подеднакво важен. Ова е пораката на министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Според Шахпаска, процесот на деинституционализација како дел од социјалната реформа, продолжува успешно да се спроведува. Трансформацијата на грижата на децата без родители и родителска грижа и лицата со попреченост во форми на згрижување, како згрижувачки семејства, групни домови и живеење со поддршка во заедницата, секојдневно ја потврдува својата успешност.

– Лицата со попреченост најмногу од се бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството и затоа врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика и на Владата е нивната инклузијата во сите општествени текови – смета министерката Шахпаска.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, пак, смета дека унапредувањето, но и заштитата на правата на лицата со попреченост во земјава многу слабо напредува и оти треба да се направи се тоа да се промени. Затоа, како што посочуваат, денешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост – трети декември, сакаат да го одбележат со упатување на неколку препораки до надлежните институции, кои се резултат на работа по претставки кои до нив ги поднеле лица кои не можеле да си ги остварат правата.
– Препораките ги носиме врз база на претставки што сме ги работеле и сме заклучиле дека со истиот проблем се соочуваат поголем број лица. Тогаш законот ни овозможува самоиницијативно да упатиме општа препорака и да го следиме нејзиното спроведување. За жал, мислам дека многу слабо се напредува во заштитата на постојните права и нивното унапредување, рече на денешната прес-конференција претседателката на комисијата, Весна Бендевска.
Главно и основно, нагласи таа, во државата се уште нема регистар колку лица со попреченост има, во кои делови и со каков вид на попреченост се соочуваат.
Но, додаде, работите не треба да се остават така. Затоа од Комисијата бараат Министерството за труд и социјална политика во најкус рок да формира регистар на лица со попреченост според степен и вид за да може да се проектираат реални и ефикасни политики и мерки. Се бара и сите одредби од Конвенцијата за заштита на овие лица да бидат вградени во домашното законодавство и тоа во што покус период.