Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според извештајот од мониторингот што го спроведе Центарот за економски анализи

Недостатокот на човечки капацитети и основни мерни инструменти се главните причини за недоволно развиениот хидролошки мониторинг на природните езера, реките и акумулациите во Македонија. Ова го покажува извештајот од мониторингот што Центарот за економски анализи (ЦЕА) го спроведе врз Управата за хидрометеоролошки работи, Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“, Хидросистемот Злетовица и Електрани на Северна Македонија, во рамки на кампањата „Разбистри сè“. Оттука, се доведува во прашање колку е адекватна и како се спроведува законската регулатива за управување со водните ресурси, колку се ефикасни јавните политики и дали соодветно се распределуваат јавните средства за заштита на водите.

УХМР и Хидросистемот Злетовица немаат доволно човечки капацитети за вршење мониторинг како на трите природни езера – Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, така и на акумулацијата Кнежево. Немаат ниту квалификуван кадар кој ќе може да ги замени вработените кои одат во пензија. Бројот на вработени во Секторот за хидрологија при УХМР во континуитет се намалува. Ако на почетокот на формирањето на Управата имало 35 вработени во Секторот, денес има само 12 вработени.

– И бројот на набљудувачи се намалува во континуитет, па така од стотина набљудувачи за површински води, во моментот работат само 60, додека од 115 набљудувачи за подземни води, тековно работат само 40. Поради нискиот надомест не може да се најдат нови кадри кои секојдневно ќе излегуваат на терен, ќе читаат податоци и, пред сè, ќе сносат одговорност за квалитетот и за веродостојноста на податоците. Така на пример, мерната станица во Асамати за мерење на водостојот на Преспанско Езеро не работи речиси 20 години, бидејќи нема набљудувачи – беше наведено од ЦЕА.

Освен човечки капацитети, недостасуваат и основни хидролошки мерни инструменти . Од вкупно 110 хидролошки станици за површински води, во моментов оперативни и обезбедени со набљудувачи се само 66. И покрај напорите за воспоставување автоматски хидролошки станици, до сега се воспоставени 31 автоматска станица, од кои само 12 се оперативни.

– Од четири мерни станици на Охридско Езеро, работи само една. За Дојранско Езеро, од две мерни станици, исто така е оперативна само една станица, и тоа со стари инструменти. За Преспанско Езеро, пак, од три мерни станици, две се во функција. Од друга страна, Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ не располага ниту со основни мерни инструменти (мерна летва) за мерење на нивото на водата во акумулацијата Лисиче – се посочува во извештајот.

Ограничениот буџет со кој располага УХМР, исто така, целосно го отежнува процесот на хидролошкиот мониторинг врз природните езера, според истражувањето. Автоматските станици најчесто биле набавени со донации, па така подобрувањето на хидролошкиот мониторинг на површинските води зависи од донаторски средства, со што е загрозена одржливоста. Предизвик претставува и воспоставувањето на основни мерни инструменти за мерење на водостојот на езерата, за кои е потребно ангажирање на постојани набљудувачи.

Хидролошките податоци за природните езера и реки не се јавно достапни до граѓаните и се наплатуваат од УХМР врз основа на Законот за хидрометеоролошка дејност. Информациите за минати дневни, месечни и годишни мерења на природните езера не се достапни до јавноста, а Управата на својата веб-страница објавува само информации на дневна основа за трите природни езера и реките.

Во извештајот се препорачува до Владата и до Министерството за животна средина и просторно планирање да обезбедат поголем и редовен буџет за УХМР и останатите институции во хидролошката дејност за да набават нова модерна мерна опрема и да ги зголемат човечките капацитети, а граѓаните да имаат слободен пристап до податоците за водостојот и квалитетот на водите во езерата и реките.

Кампањата „Разбистри сè“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од британската амбасада во Скопје