Со задоволство може да констатираме дека заложбата унапредување на условите, вложување во модерна опрема и обуки на Клиниката за гинекологија и акушерство ја претворивме во ефикасна стратегија која за само пет години даде фантастични резултати, ги унапреди условите за родилките и обезбеди врвна нега за новороденчињата, соопшти Министерството за здравство.

Како директна последица на постојано унапредување на условите и модернизација на Клиниката, од 2016 до 2021 смртноста кај предвреме родените бебиња е намалена од 26 на 8 отсто, со тенденција овој процент и понатаму да паѓа. Континуираната обука и унапредување на персоналот и силните инвестиции во модерна апаратура се клучот за успех и квалитетна работа на оваа Клиника.

Во изминатиот период набавени се 15 модерни инкубатори, што недостасуваше на Клиниката, но и низа други апарати и опрема, како микроскопи, системи за деминерализација, респираторни машини, подвижни протокомери за кислород и друга опрема. Оваа опрема беше нужна да се понуди најдобрата услуга, а со тоа и да се спасат што е можно повеќе млади животи. Денес ГАК располага со врвна апаратура, знаење и мотивиран персонал кој работи по светски стандарди, велат од МЗ.

На денот на предвреме новородените деца, министерството порачува дека превенцијата, навремените прегледи и грижата за сопственото здравје на трудниците се клучот за стабилна бременост и зачувување на здравјето на бебињата. Министерството ќе продолжи да вложува и да го унапредува одделот за Гинекологија и акушерство со цел врвна услуга, многу спасени млади животи и европски стандарди во македонското здравство.