Средношколците Борис Ночески (17 години), Анамарија Илиева (17), Тео Китановски (16) и Орхан Бахашов (17) создале бионичка рака 30 пати поевтина од постоечката протетика, користејќи 3Д принт-технологија.

Станува збор за „ВенусАрм“, бионичката рака што може да се испринта за еден час од страна на секој со пристап до 3Д-принтер, преку инструкциите достапни на веб-страницата на тимот „еБионикс“, чии членови се средношколците.

Бионичките раце земаат сигнали од корисникот, односно од мускулите, додека специјални сензори земаат електрични сигнали и ги користат за да ја движат раката.

Протетичките раце и вештачките екстремитети им помагаат на корисниците полесно да ги извршуваат секојдневните обврските. Но проблем претставува нивната скапа цена и потребата за редовно менување.