Со свој став за најавените реформи во образованието излезе и политичката партија Левица. Во рекацијата до јавноста се вели дека не многу долго по обелоденувањето на Концепцијата за реформа на основното образование дојде и барањето на бугарските власти за отворање дисперзирани студии на нивните универзитети во Македонија.

– Со оглед на целиот хаос во нашиот образовен систем, особено отсуството на било каква улога и контрола од страна на државата во програмите и курикулумите на приватните образовни институции, ваквото барање дополнително ги осветлува мотивите на донесување инстант концепција за наводни реформи. Сега, од оваа перспектива, целта е повеќе од очигледна, а тоа не е ништо друго освен поткопување на националниот идентитет на најранливиот дел од населението во тој поглед – децата. -реагираат од Левица.

Според оваа партија, по детална анализа на понудената концепција воочливо е дека нотираните пропусти во основното образование изнесени во првиот дел на драфт-верзијата на документот не се основа за понудените реформи во вид на спојување на одделни наставни предмети. Напротив, таквата активност спроведена сега, со вакви техничко-материјални услови на училиштата и со постојното ниво на подготвеност на наставниот кадар, би дала сосема спротивни резултати.

– Оттука, логично се наметнуваат прашања чиј одговор е општо познат. Имено, дали во рамките на Министерството постои анализа на резултати од досега спроведуваните реформи!? Дали има соодветна студија, која би била подлога за овие и вакви слични реформи!? Понатаму, постои ли оперативен план за динамиката, условите и конкретните чекори низ кои би се реализирала предложената концепција!? Дали истата е воопшто тестирана во пилот училишта и каков е резултатот!? Зошто фокусот повторно е ставен врз оценување, а не врз знаење!? Бидејќи и до сега сведочиме на сè повисоки оцени, а сè послаби познавања. – се вели во реакцијата.

Според Левица, отсуството на јавна дебата повеќе од гласно зборува во прилог на изнесените забелешки. Ова неминовно не’ води до сомнежот дека Концепцијата е креирана единствено со цел да се прикрие и „оправда“ задолжувањето на средства во огромни суми, пари кои ќе бидат проголтани од ненаситните продавачи на ветар и магла во форма на разни нефункционални обуки, а со крајна цел да се избрише историјата од листата на наставни предмети како дел од историскиот ревизионизам кој власта брутално го спроведува. – се вели во рекацијата до јавноста на Левица.