Во периодот од 2014 до 2018 година 107 државни функционери го искористиле правото на апанажа, информираше денеска Државната комисија за спречување корупција.

Од нив, 29 биле службеници во Владата, а 78 во Собранието. Од 107 лица кои се предмет на анализата, 89 лица по престанокот на користењето на апанажата повторно се вработиле – 46 во државни институиции, а 43 во приватниот сектор. По апанажата не се вработиле 18 лица.

Износот на апанажата за лицата кои биле на функции во Влада изнесува околу 71.000 денари, а на оние кои им завршил пратеничкиот мандат, околу 100.000 денари.

Антикорупциската комисија објави дека ќе бара законски измени околу правото на апанажа по престанокот на функцијата.

Од анализата што ја презентираше ДКСК е заклучено дека директорите и нивните заменици сами на себе со акти си доделиле службени возила на користење седум дена во неделата и без лимит на километража.

Од антикорупциска соопштија и дека 12 пратеници од претходниот парламентарен состав не доставиле анкетен лист, а шестмина со задоцнување и против нив ќе бидат поднесени прекршочни пријави.

Антикорупциска побара и да им биде доставен одговор околу нивното барање да се поведе постапка за одговорност за директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.