Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) денеска го започна караванот, во кој ќе посети повеќе од 60 основни училишта во месец ноември, од сите региони на државата, а во кои учат ученици на јазиците на помалубројните заедници во Македонија. Во овој караван ќе се поделат над 7.000 ученички сета за учениците од прво до трето одделение, надополнетии со маски и дезинфекциски средства, согласно мерките за заштита од Ковид-19. Пакетите се пакувани во Црвениот крст.

Оваа активност е предвидена во рамките на проектот „Зајакнување на демократијата преку унапредување и заштита на правата на заедниците“, кој е директно поддржан и финансиран од страна на Европската Унија.

Караванот започна денеска од Основното училиште „Тефејуз” во општина Чаир, каде наставата се одвива на турски јазик.

Заменик-директорот Џелал Хоџиќ, заедно со Фрејк Јанмат – претставник на Делегацијата на ЕУ во Скопје, како и Илхан Рахман заменик-министер во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, поделија 400 училишни сетови на учениците од прво до трето одделение.