Фото: Игор Бансколиев

Додека во практиката луѓето манифестираат голема доза нетолерантност, како во случајот против отворањето на домот за малолетници со нарушено поведение во
Визбегово, речиси сите истражувања на јавното мислење покажуваат дека македонското општество е високотолерантно. Оваа парадоксална ситуација отвора уште една дилема – дали општеството е толерантно само кога проблемот е далеку од нас, а станува нетолерантно кога директно треба да се соочи со прифаќање на различните

Протестот на жителите на скопско Визбегово против отворањето на домот за малолетници со нарушено поведение во нивното соседство е само еден од низата настани што ги поврзува заеднички елемент, а тоа е организиран револт на граѓаните поради одлуки на институциите што се однесуваат на социјални реформи и на згрижување социјално ранливи категории. Пред Визбегово, сличен случај имаше во скопската населба Аеродром, каде што се протестираше против новите центри за зависниците од дрога, а пред тоа и во селото Тимјаник, Неготинско, каде што беше сместен дом за деца со посебни потреби.

Сите овие случаи во јавноста ја отвораат дилемата кој и каде греши, односно дали тоа се институциите во решенијата што ги нудат или, пак, граѓаните во начините на кои реагираат, при што се создава впечаток дека во општеството владеат нетолерантност и отпор кон прифаќањето на различностите. Тоа уште повеќе поради фактот што во практиката луѓето манифестираат голема доза нетолерантност, како во овие случаи, а, од друга страна, речиси сите истражувања на јавното мислење покажуваат дека македонското општество е високотолерантно. Оваа парадоксална ситуација отвора уште една дилема – дали општеството е толерантно само кога проблемот е далеку од нас, а станува нетолерантно кога директно треба да се соочи со прифаќање на различните?

Социолозите велат дека сите овие случаи го откриваат внатрешниот порив на луѓето да бидат нетолерантни кон различностите, насочени повеќе на стигматизација, наспроти потребата да се прифатат новините или различностите. Сето тоа, според нив, е слика за ова општество, поткрепена со нетолеранција, нецивилизираност и предрасуди, која треба да се промени преку влијанието врз јавната свест.
Татјана Стојановска, професорка по социологија на Филозофскиот факултет, вели дека последниот протест на жителите на Визбегово против дом во кој се сместени деца со попреченост е резултат на тоа дека сме далеку од стандардите на живеење во современиот свет и од вредностите што се етаблирани во современиот свет.

– Одговорност, разбирање и прифаќање на различниот во секаква смисла, дали по етничка или верска припадност, културна, сексуална, како и за лицата со попреченост – тоа се вредностите кон кои треба да тежнее секој од нас. Но, за жал, случаите што ги прават граѓаните во форма на протест, особено за лицата со попреченост, говорат за тоа дека сме нетолерантни и не прифаќаме различни од нас. Лицата со посебни потреби треба да ги прифатиме и да им помогнеме. Тоа е во духот на хуманоста, на алтруизмот – посочува професорката Стојановска.
Според неа, мора сите заедно да работиме на промена на матрицата на размислување и на свесноста.

– Ако сакаме да го подобриме нашиот квалитет на живот треба да работиме и на подобрување на квалитетот на живот на различниот од нас, особено ако се работи за лица со посебни потреби – нагласува социологот.

Реакции и отпор на локалното население во скопската населба Аеродром имаше по најавената дисперзија во поликлиниките во Аеродром и Ченто, психијатриската болница „Бардовци“, градската општа болница „Осми септември“, Клиниката за токсикологија и постојниот центар за зависници во Кисела Вода, каде што зависниците од дрога може да ја земаат редовната метадонска терапија. Тогаш во јавноста се истакнуваше дека треба да се смени целиот начин на кој се одвива лекувањето на зависниците, а со тоа да се елиминира и потенцијалната опасност за населението што живее во близината на тие дисперзирани центри. Бурни реакции пред година и половина предизвикаа и негодувањата на жителите од селото Тимјаник, каде што беше изграден мал групен дом за деца со попречености. Нивната реакција од властите беше оценета како резултат на недоволната едукација за тоа што значи соживот со лица со интелектуална попреченост.


Царовска: Со дијалог ќе се надмине ситуацијата во Визбегово

Со дијалог ќе се надмине ситуацијата во Визбегово. Ова е вчерашната изјава на Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика, откако во неделата група жители на скопско Визбегово протестираа за дислокација на мал групен дом на млади со нарушено поведение.
– Верувам во моќта на трансформација на нашите граѓани и во позитивна промена на нашето општество. Трите деца се вратени во малиот групен дом и продолжуваат со редовните активности откако вчера поради протестот на жителите во Визбегово беа префрлени на друга локација – изјави министерката Царовска.
Таа се надева дека преку дијалог со локалното население ќе се надмине оваа ситуација.

[email protected]