Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денес околу 16.30 часот го напушти ЕУЛЕКС, објектот на меѓународната правна мисија на Европската унија во Косово, каде во текот на вчерашниот и денешниот ден се одржа неговиот распит од страна на истражителите на Меѓународниот суд за Косово.

Ахмети накратко им се обрати на насобраните новинари пред објектот на ЕУЛЕКС, нагласувајќи дека бил во функција на сведок, но истакна дека не може да даде било каква информација сѐ до завршување на процесите пред меѓународниот трибунал, затоа што така е предвидено со закон.

Поканата за распитот на Ахмети му беше доставена во јули годинава. Како што пренесуваат косовските медиуми, тој е повикан во својство на сведок, како еден од основачите и поранешен член на главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и активен учесник во косовската војна во 1998-1999 година. 

Покана како осомничени или сведоци за злосторствата против цивилното албанско и српско население имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК. Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, а познат како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии.

Меѓу последните осомничени кои беа повикани во судот се и двајца од основачите на ОВК, актуелниот претседател на Косово, Хашим Тачи, и лидерот на Демократската партија на Косово и поранешниот собраниски спикер, Кадри Весели. Денеска беше објавено дека покана во својство на осомничен добил и генералот Агим Чеку, шеф на главниот штаб на ОВК, а подоцна и премиер на Косово.

Истрагите се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.