Советот за безбедност попладнево повторно ќе одржи седница кај претседателот Стево Пендаровски во „Вилата Водно“. Покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот ќе присуствува д-р Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести.

Се очекува да се расправа за барањето на владата за ново, трето по ред, продолжување на вонредната состојба во земјава.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера рече дека препораката е поради повеќе причини.

– Важно е прогласувањето на вонредната состојба бидејќи некои од мерките што ги препорачуваме важат само за време на вонредната состојба. Многу е важно тие да важат и понатаму. Важно е да имаме инструменти во рацете да работиме со овие механизми. Во однос на рестрикцијата на движењето, уредбите што важат и така натаму. Сè уште е важно да имаме инструменти со кои препораките на Комисијата за заразни болести практично може да се имплементираат преку Владата – рече Филипче.

Вонредната состојба што ја прогласи Пендаровски на 16 април истекува во сабота на полноќ.

Покрај тоа што е поврзана со епидемијата со коронавирусот, прогласувањето на ново продолжение на вонредната состојба е поврзано и со мислењето на Државната изборна комисија (ДИК) за тоа колкаво време ќе ѝ биде потребно за спроведување на изборниот процес.

Ако не се продолжи вонредната состојба, ќе престане да важи и уредбата со законска сила за привремен прекин на сите изборни дејства. Владата на 21 март ја донесе оваа уредба со законска сила, со која ДИК е должна во рок од еден ден по вонредната состојба да објави ревидиран роковник за продолжување на изборниот процес.